Официјално заврши спроведувањето на пописот во Македонија

Во 20:00 часот официјално заврши насложената статистичка операција. Според Законот за попис, тој траеше до денеска до 20:00 часот.

Податоците од пописот се очекува да ги обзнани првиот човек на Државната статистика, Апостол Симовски кој закажа прес-конференција во 21:30 часот. Според последните информации од ДЗС, заклучно со вчера во Македонија се попишале 1.813.153 лица, 562.110 домаќинства и 822.575 станови.

Можноста за самопопишување за лицата во странство досега ја искористиле 203.144 граѓани. Најбројни се оние во Швајцарија – 64.806, Германија - 46.161 и Италија -28.265.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ непосредно пред завршувањето на рокот за спроведување на оваа статистичка операција, пописот го прогласи за успешен.

-Јас сум задоволен што успеавме да ја реализираме оваа операција и покрај сите проблеми со кои се соочивме. Бројката на попишани граѓани е околу 1,9 милиони, рече Маричиќ во гостување на Канал 5.

Според партијата Левица, која повика на бојкот на пописот и која нема да ги признае резултатите од него, во земјава останале помеѓу 200.000 и 300.000 непопишани граѓани. Пратеникот Борислав Крмов денеска на прес-конференција во Собранието рече дека пописот ќе го постават како услов при формирањето на идната Влада.

-Зедно со бројката од дијаспората, за којашто сме единствена земја во светот што попишува дијаспора прави збир од некаде околу 2 милиони и 200 илјади попишани. Ако го земеме како податок дека Република Македонија има издадено нешто помаѓу 2,4 милиони и 2,5 милиони државјанство. И бидејќи овој попис го изедначи државјаноството со резидентното население, ние имаме од 200.000 до 300.000 пропуштени, рече Крмов.

Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека личните документи ги даваат сите потребни податоци за оние кои бојкотираат, но фалат одредени податоци, како одговори на прашањата „Како одите на работа“, „Колку време ви треба да стигнете на работа“... Сепак, тој најави дека сите оние кои намерно одбиле да се попишат ќе бидат казнети.

- Тоа што не може да се стигне, веројатно Заводот за статистика ќе каже како како податок ќе го обезбеди. Веројатно ќе имаме недостаток на податоци за процент, половина процент, за промили на луѓето кои што како одговори ги добиваат од прашањата. Самата лична карта и документот ги дава голем дел од податоците коишто пописот треба да го заокружи како успешен, комплетно целата процедура и статистичка операција што ја спроведува, рече Заев.

Пописот на населението започна на 5 септември. Во почетокот го следеа низа проблеми и пропусти од технички апсект. Неколку дена попишувачите имаа потешкотии да ги пребројуваат луѓето поради самата апликација.

Последните денови од пописот, пак, отворени беа пописни канцеларии по општините за граѓаните да можат самите да одат и да се попишат. Од завчера во градовите беа вклучени дополнителен број на попишувачи во градовите бидејќи таму Заводот за статистика имаше најмногу предизвици за да ги собере потребните податоци.

30.09.2021 - 20:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега