Судењето против поранешниот директор на Истражниот затвор во Шутка, Филип Андов – Сокол, и уште неколку вработени во затворот, денеска е одложено и презакажано за 12 ноември.

Како што информираат од Судот, рочиштето е отповикано бидејќи јавниот обвинител известил дека не може да присуствува поради здравствени причини. Во исто време, од КПУ Затвор Скопје било примено известување дека „поголем дел од обвинетите треба да присуствуваат на погреб“.

На Андов и на шестмина затворски полицајци им се суди под обвинение дека овозможувале спровод на осуденици за приватни потреби. Тие претходно пред Судот рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Обвинети се за злоупотреба на службената положба, а дел само за несовесно работење во службата.

Според Обвинителството, тие во период од март до јули 2024 година, им овозможиле на петмина осуденици погодности што не им следувале.

„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа“, се вели во соопштението од Обвинителството од јули годинава.

Постапката за еден од обвинетите е раздвоена поради здравствени причини. Истрагата првично беше отворена во февруари против десет лица, но за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање докази.

Exit mobile version