Во Основниот суд во Струга денеска повторно беше одложено судското рочиште за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар. Причина е оправданото отсуство на бранителот на првообвинетиот лекар, адвокатот Игор Петковски, кој на претходното рочиште бараше и изземање на целиот судски состав.

Рочиштето беше одложено и вчера, а требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето.

Судечкиот судија Јордан Јованов го закажа следното рочиште за понеделник, но изрази загриженост поради постојаните одлагања:

„Овдека е загржувачки тоа што цело време во барањата се потенцира дека другите предмети се приоритетни… а се заборава дека и овој предмет исто така е итен, бидејќи прети опасност од застареност.“

Судијата Јованов нагласи дека, иако не може да преземе мерки поради оправданото отсуство, нема да дозволи делото да застари и најави радикална мерка:

„Нема повеќе одлагање ниту во недели, во месеци, туку во денови и кога тогаш, јас се надевам дека конечно ќе го окончиме. Доколку не дојде во понеделник наредното закажување ќе биде за вторник, среда и понатаму се до крајот на расправата.“

Адвокатот на оштетената, Сашо Јанев, вели дека на судот му се врзани рацете, но смета дека тактиката на одбраната е јасна:

„Ова не е адвокатски начин на одбрана ова е само показател дека обвинетиот е навистина виновен за делото за кое се товари и нивниот единствен излез е застарување на делото.“

Оштетената родилка Јилдз Веапоска најави дека доколку продолжат одлагањата, ќе организира секојдневни протести пред судот во Струга, од 8 до 16 часот, сѐ додека не заврши судењето.

„Да застари ова дело е срамно и за нашата држава и за судот и за сите нас,“ изјави Веапоска.

Судскиот процес, кој трипати започнуваше од почеток, се води против тројца лекари: гинеколозите Мухамед Асани и неговиот син Блертон Асани, како и доктор Лилјана Јованоска. Делото застарува во август 2026 година.

Exit mobile version