На денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот Дејан Јованов, побара негово префрлување во затворот во Идризово, поради тврдења дека персоналот во затворот во Куманово се однесува „нечовечки и понижувачки“ кон него. Таа исто така истакна дека судницата е блиску до затворот, а Јованов има здравствени проблеми и потреба од лекарска интервенција.
Адвокатот Петре Шилегов, кој го застапува Шефкет Хазари од Министерството за економија, побара преиспитување на обвинението за да се види кој е директно инволвиран и да се издвојат постапките, како и одложување на рочиштето. Судот го одби ова барање, образложувајќи дека обвинителството е самостоен орган и судот не може да му наложува како да постапува.
Шилегов посочи дека обвинението против Хазари и други обвинети е правно неодржливо, бидејќи тие немале надлежност за инспекциски надзор, нагласувајќи дека правдата не смее да се гради врз неправда.
Денешното рочиште продолжи со сведочење на Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК, а се очекува да бидат сослушани уште четворица сведоци.
Трагедијата се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, кога избувна пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот бил преполн, со присуство на малолетници, и користел пиротехнички средства без дозвола. Диско клубот работел незаконски повеќе од една деценија, без основни технички и противпожарни услови.
За несреќата се обвинети над 30 физички и три правни лица, вклучувајќи сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.


