Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, денеска во Битола учествуваше на промотивниот настан „Вештина на иднината“, организиран од АД ЕСМ. Пред присутните вработени и меѓународни партнери, Божиновска порача дека вложувањето во човечкиот капитал е подеднакво важно како и инвестициите во инфраструктурата.
Програмата, која се реализира со поддршка на ЕБОР, овозможи над 600 вработени во АД ЕСМ да се стекнат со нови компетенции. Министерката истакна дека токму знаењето на професионалците е гаранција за стабилен енергетски систем.
Во своето обраќање, Божиновска нагласи:
„Енергетската трансформација не започнува со технологијата, таа започнува со луѓето. Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да управуваат со промените што доаѓаат, а со тоа институцијата станува посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат.“
Таа додаде дека модернизацијата е процес кој бара постојано надградување и партнерство, најавувајќи понатамошна поддршка за вакви едукативни проекти.


