Од утре без ПЦР тест во Србија- поради пандемијата василичарските друштва се откажаа од организација на Вевчанскиот карневал

Владата на вчерашната седница ја прифати Предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Македонија за 2021 година, во која е содржан план за обезбедување на годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии.

– Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за пoeдини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од нула до 18 години и Календарот за „catch-up“ имунизација за нередовно вакцинираните деца од пет до 18 година, сопшти владината Прес-служба.

Од Владата информираат дека за оваа програма вкупно се одобрени 805 милиони денари од кои 415 милиони наменети за обезбедување на потребните количества вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, а 390 милиони денари за набавка на Ковид-19 вакцини.

Покрај планираната вакцинација, во борбата против Ковид-19, здравствените власти го вклучија и лекот „Ивермектин“, кој од вчера е достапен за граѓаните во аптеките. Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Како што посоч Министерството за здравство, лекот може да се употребува за домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен. Лекот чини 299 денари.

Статистиката за Ковид-19, како и во претходните недели, и вчера покажа дека се смирува состојбата со епидемијата. Од направени 3023 тестирања, вчера беа регистрирани 520 нови случаи на позитивни на коронавирусот, што е околу 17 проценти на зарзени. Починаа 12 лица, а оздравеа 372 пациенти.

Од 12-те починати, четири лица се од Скопје (88, 50, 82 и 65г.), еден пациент од Дебар (72г.), двајца од Струга (79 и 81г.), два пациенти од Охрид (94 и 66г.), еден пациент од Струмица (79г.), од Крива Паланка (59г.) и еден пациент од Кичево (70г.). Пациентите починале во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 87117, бројката на оздравени пациенти е 68364, на починати е 2647, а бројот на активни случаи изнесува 16106. Најмногу активни случаи има во Скопје – 9871, потоа следи Тетово со 704, околу 480 има во Куманово и Кавадарци, Гостивар-435, Охрид-419, Прилеп, Велес и Битола имаат околу 350, Неготино, Делчево и Гевгелија околу 200 заразени, а во другите градови се под 200.

Во земјава вкупно хоспитализирани се 736 пациенти и има околу 600 слободни кревети. Во ковид-центрите во болниците низ земјава надвор од Скопје се лекуваат вкупно 403 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во главниот град се хоспитализрани вкупно 333 лица.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 93 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во скопските болници има околу 190 слободни болнички места.

Од утре, за Србија ќе се патува без задолжителен ПЦР тест. Србија одлучи да го укине задолжителниот ПЦР тестот за влез во земјата за македонските државјани. Оваа информација вчера српската премиерка Ана Брнабиќ му ја соопшти на премиерот Зоран Заев.

Како што информира владината Прес-служба, во телефонскиот разговор меѓу Заев и Брнабиќ, меѓу другото биле изразени честитки за успешна 2021 година, како и желби и интерес за уште подлабока соработка меѓу владите и народите на двете земји во новата година.

– Премиерката Ана Брнабиќ го информираше премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји, се додава во соопштението на владината прес-служба.

Од вчерашните информации поврзани со Ковид-19, пристигна и соопштението од василичарските друштва, кои информираа дека се откажуваат од организација на карневалот, се со цел спречување на ширење на коронавирусот.

Василичарските друштва Горна и Долна маала од Вевчани се откажаа од организација на Вевчанскиот карневал, кој традиционално речиси 15 века се одржува на 13 јануари.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.01.2021 - 08:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа