Јавното обвинителство, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денеска во Скопје организира меѓународна конференција на тема „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“.

На конференцијата ќе биде претставена новата Комуникациска стратегија на Јавното обвинителство за периодот 2026–2028 година, заедно со Акцискиот план и активностите предвидени за нејзина имплементација.

Од Обвинителството посочуваат дека стратешкото планирање на комуникацијата претставува важен чекор кон зголемување на транспарентноста и зајакнување на довербата на јавноста во работата на јавнообвинителскиот систем.

Настанот ќе ги обедини претставниците на Јавното обвинителство, медиумите, како и домашни и меѓународни експерти, кои ќе дискутираат за значењето на стратешкиот пристап во комуникацијата со јавноста, особено кога станува збор за предмети од висок јавен интерес.

На конференцијата ќе се обратат државниот јавен обвинител Ненад Савески, претседателот на Здружението на јавни обвинители Елвин Вели, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и Гжегож Борковски, судија и лидер на компонентата за правосудство во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Exit mobile version