Пет лица се повредени во сериозен инцидент во воздушниот простор во близина на Сараево, откако патнички авион Ербас А320 на компанијата „Евровингс“ наиде на силна турбуленција.

Според првичните информации, во инцидентот улога имала и турбуленцијата предизвикана од друг авион што во тие моменти летал пред него.

Авионот на „Евровингс“, кој на 30 мај сообраќал на релација од Родос, Грција, до Келн, Германија, се наоѓал на околу 37 километри источно од Сараево во моментот кога контролата на воздушниот сообраќај му дозволила да се искачи од 36.000 до 38.000 стапки.

Токму пред него во тој дел од небото летал авион „Ербас А380“ на компанијата Емирати, кој патувал на линијата од Дубаи за Лондон.

Додека авионот на „Евровингс“ се искачувал на својата одобрена надморска височина од 38.000 стапки, одеднаш престанал да се искачува на околу 37.600 стапки и нагло се вратил на 36.000 стапки, спуштајќи се со брзина до 3.000 стапки во минута.

Информациите добиени од „Евиејшн Хералд“ потврдуваат дека авионот наишол на турбуленција, вклучително и турбуленција предизвикана од вртложни струи токму од поголемиот „Ербас А380“ кој се наоѓал пред него.

Силниот и ненадеен удар во воздушната маса резултирал со полесни повреди на четири патници и една стјуардеса, која од силината на падот била фрлена директно кон таванот на кабината.

По слетувањето на крајната дестинација во Келн, авионот веднаш бил пречекан од медицинските служби, по што повредените луѓе најпрво биле згрижени во самиот авион, а потоа биле пренесени во болница.

Од друга страна, авионот „Ербас А380“ на Емирати го продолжил својот лет кон Лондон, каде што безбедно слетал на аеродромот.

Exit mobile version