Поради реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово, од општината апелираат граѓаните да не ги паркираат своите возила на местата каде што се изведуваат градежни работи.
Оттаму информираат дека пристапот за возила ќе биде отежнат сè до воспоставување на нормален сообраќаен режим, нагласувајќи дека оваа мерка е неопходна заради безбедност на граѓаните и непречено изведување на градежните активности.
Во моментов се реализира втората фаза од реконструкцијата на улицата, која се спроведува во неколку етапи со цел долгорочно подобрување на функционалноста на сообраќајницата.
Проектот опфаќа реконструкција на фекалната и водоводната мрежа на дел од улицата во должина од околу 490 метри, како и целосно уредување на подземната инфраструктура, вклучувајќи атмосферска канализација и реконструкција на постојната мрежа.
Во рамки на проектот се инвестирани околу два милиона евра, обезбедени од Светска банка, од кои досега се реализирани околу 1,3 милиони евра, додека остануваат приближно 700.000 евра за завршување на работите.


