Граѓаните со нетрпение ја очекуваат денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека се создадени услови за пад на цените на бензините. Според неговите пресметки, од полноќ се очекува цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 да се намали за два денари по литар.
Ова олеснување за буџетот на возачите доаѓа како директен резултат на мерката за намалување на ДДВ-то за горива од 18 на 10 отсто, која Владата ја донесе пред извесен период.
„Многу внимателно ја следиме состојбата на светските берзи. Врз основа на нашите пресметки очекуваме во понеделник за околу два денари намалување на цената на бензините, додека кај дизелот цената би останала иста или со минимално зголемување од половина денар“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека мерката за намалено ДДВ има рок од две недели, но Владата е подготвена да ја продолжи или да интервенира со акцизите доколку продолжи нестабилноста на пазарот.

