Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска престојува во работна посета на Лондон.
Во британското Министерство за надворешни работи, Комонвелт и развој, Муцунски ќе оствари средба со државниот секретар Ивет Купер, на која се очекува да се разговара за унапредување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.
Во рамки на посетата, министерот ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во Лондон, посветен на промоција на извозот и надворешната трговија. Тој ќе го посети и македонскиот павилјон на саемот, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски претходно беше во работна посета на Северна Рајна-Вестфалија на покана на покраинскиот министер за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми Натанаел Лимински, а по Лондон ќе отпатува во Даблин, каде е предвидена средба со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска Хелен Мекенти.


