Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Светската банка одржа работилница со банките, давателите на платежни услуги и релевантните државни институции, посветена на воведувањето на инстант-плаќањата засновани на платформата на клонот на ТИПС.

Настанот е дел од континуираните активности за подготовка на платежната заедница во земјава за воспоставување национален систем за инстант-плаќања, како и за координирано приклучување кон регионалната платформа што ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан.

Од Народната банка посочуваат дека во услови на забрзана дигитализација на финансиските услуги и растечки очекувања за брзи и едноставни плаќања, модернизацијата на платежната инфраструктура е клучна за развој на поефикасен и поконкурентен пазар.

Воспоставувањето национален систем за инстант-плаќања е еден од стратешките проекти на Народната банка, со кој се очекува усогласување со европските стандарди и овозможување развој на нови дигитални платежни услуги.

Во рамките на работилницата биле презентирани концептот и функционалностите на системот, правилата за учество, како и техничките и оперативните аспекти за приклучување на давателите на платежни услуги. Посебен фокус бил ставен на подготвеноста на учесниците во процесот.

Со имплементацијата на инстант-плаќањата се очекува граѓаните и компаниите да добијат побрзи, поедноставни и подостапни услуги, достапни 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Exit mobile version