Цените на нафтата забележаа пад рано во вторникот, по ноќниот раст што следуваше по остриот пад во понеделникот. Ваквите движења доаѓаат во период кога инвеститорите чекаат повеќе детали за договорот меѓу САД и Иран, за кој се очекува да се стави крај на конфликтот на Блискиот Исток.
Според податоците што ги објави медиумот CNBC, фјучерсите за сурова нафта Брент, кој е меѓународен репер, паднаа за 0,53 проценти и се тргуваа на 82,74 долари рано утрово. Истовремено, фјучерсите за сурова нафта од Западен Тексас (WTI) за испорака во јули паднаа за 0,41 проценти, спуштајќи се на 80,44 долари.
Фјучерсите за нафта забележаа кус раст преку ноќ пред целосно да го сменат курсот, откако во претходната сесија паднаа на најниското ниво регистрирано од 4 март. Оваа нестабилност на пазарот ја одразува долготрајната неизвесност околу целосните услови на мировната рамка договорена меѓу САД и Иран.
Неофицијалните напори за завршување на војната ќе доминираат во дискусиите на лидерите на Г7 во Евиан-ле-Бен, Франција, почнувајќи од денес. Дополнителни детали за меморандумот за разбирање се очекува да бидат објавени подоцна оваа недела.
Вашингтон и Техеран претходно во неделата постигнаа привремен договор со кој ќе се продолжи прекинот на огнот меѓу САД и Иран за 60 дена и повторно ќе се отвори Ормускиот теснец за сите бродови. Пристигнувајќи на состанокот на Г7, претседателот Доналд Трамп рече дека е потпишана мировна рамка со Иран, додавајќи дека Ормускиот теснец ќе биде целосно отворен во петок, без ирански транзитни такси. Трамп најави дека формалната церемонија на потпишување ќе се одржи во Женева во петок.
Германскиот глобален гигант за контејнерски превоз Хапаг-Лојд ја поздрави можност за мировен договор и крај на сите воени дејствија во регионот.
„По повеќе од 15 недели блокада на Ормускиот теснец, ова е добра вест за нас, нашите екипажи и нашите клиенти. Се надеваме дека нашите преостанати четири брода ќе можат да поминат низ Ормускиот теснец овој викенд“, се вели во соопштението на Хапаг-Лојд.
Од друга страна, шефот на најголемиот оператор на танкери во светот наговести за покомплициран пат за нормализирање на сообраќајот низ теснецот, кој сочинуваше околу 20 проценти од светските резерви на нафта пред да избувне војната кон крајот на февруари. Поради ова, шефовите на танкери остануваат претпазливи во врска со преминот низ Ормускиот теснец.


