Од денеска поскапува парното

Парното греење од денеска поскапува за 14,18 проценти, а месецов се очекува повторно да биде прогласена криза состојба во енергетиката. Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите, а главна задача како што велат ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Со соседните држави се разговара за обезбедување алтернативни начини за снабдување со гас, а електроенергетските компании работат на обезбедување ликвидност и суровини за непречено производство на струја.

Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1800 денари се зголемува за 250 денари. Одлуката за новата цена, според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.

– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, информираше по седницата на РКЕ нејзиниот претседател Марко Бислимоски.

Доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија, како што укажаа од РКЕ, тогаш ќе мора да се користи мазутот за производство што е многу неповолно од еколошки аспект и е ризично за граѓаните.

Месецов, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката, а остануваат апелите од надлежните институции до сите потрошувачи почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

01.08.2022 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа