Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против три лица за тешка кражба во кругот на фабриката „Железара“. За еден од обвинетите е предложен притвор, а за другите двајца се одредени мерки на претпазливост.
Според ОЈО, обвинетите во почетокот на март годинава одзеле различни видови електрични кабли во вредност од 196.500 денари, сопственост на правно лице од Кавадарци. При кражбата, тие оштетиле и кабел кој бил дел од јавна електрична инсталација, предизвикувајќи штета проценета на 800.000 денари.
По натоварувањето на каблите во автомобил и обидот да го напуштат фабричкиот круг, тројцата биле забележани, приведени и лишени од слобода.
Со обвинителниот акт, јавниот обвинител до Судот доставил предлог за продолжување на притворот за еден од обвинетите, додека за другите двајца остануваат на сила претходно изречените мерки на претпазливост.

