Државниот испитен центар ги објави прелиминарните резултати од августовскиот испитен рок за државната матура. Резултатите може да се проверат на интернет-страницата на ДИЦ, како и на огласните табли во училиштата.

Кандидатите кои сметаат дека при оценувањето на нивниот тест е направена грешка или превид, имаат право да поднесат приговор до Училишната матурска комисија.

Според упатството на Државниот испитен центар, приговорот заедно со уплатницата и изјавата треба да се достави лично до Училишната матурска комисија, најдоцна денеска до 16 часот.

Приговорите доставени по истекот на рокот или на друг начин нема да бидат разгледувани.

Резултатите од разгледаните приговори ќе бидат објавени на 26 август, додека увид во тестот по поднесен приговор ќе може да се закаже на 27 август, од 9 до 14 часот.

Августовскиот испитен рок за екстерните испити од државната матура се одржа на 12 и 14 август.

Според податоците на ДИЦ, за августовскиот рок биле пријавени 1.328 кандидати за државна матура, 126 за стручна матура и шест ученици за уметничка матура.

Поради значително помалиот број кандидати во однос на јунскиот рок, августовската испитна сесија била организирана во четири градови, на вкупно осум локации.

Exit mobile version