Опозицискиот лидер Венко Филипче да биде предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство, побараа денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека Филипче како поранешен министер за здравство добил 400 анализи за неисправна вода во Гостивар и на ниво на целата држава, но не преземал ништо.
„Го повикуваме ЈО да отвори случај по допрен глас за молкот на Филипче, кој како министер за здравство, не постапил за ниту една од 400 анализи кои му биле доставени за загадена вода во Гостивар и на територијата на Македонија“, рече пратеникот Миле Лефков.
Лефков изнесе обвинувања дека граѓаните со години биле изложени на ризик користејќи небезбедна вода, додека тогашното раководство на Министерството за здравство било запознаено со состојбата.
Тој посочи дека поседуваат документи обезбедени од свиркачи кои го потврдуваат постапувањето на тогашните институции.
„Документите кои ги добивме од свиркачи, за анализите и испитувањата за квалитетот на водата кои ги правеле надлежните институции, докажуваат дека Филипче како министер за здравство, не преземал ниту една мерка за нејзино решавање, а денеска како без срам обвинува за голготата која жителите на Гостивар ја поминаа токму поради него и неговите коалициски другари Ахмети и Таравари“, нагласи тој.
Пратеникот упати неколку директни прашања до Обвинителството во врска со затајувањето на информациите и одговорноста на тогашните функционери.
„Зошто со години граѓаните не биле известувани дека водата која ја користеле за пиење не била безбедна? Зошто со години не биле преземени чекори за санација на овој проблем? Зошто надлежните институции предводени од тогашната власт на СДС не постапувале по добиените извештаи? Зошто Филипче како министер за здравство молчел и не постапувал?“, праша Лефков.
На крајот од изјавата, од ВМРО-ДПМНЕ побараа крај на неказнивоста и итна реакција од правосудните органи.
„Граѓаните заслужуваат конечно да видат правда од страна на судско-обвинителскиот систем во државата. Доста беше штитење на поранешните функционери на СДС, поради нивната блискост со одредени поединци од правосудниот систем во државата. Бараме ЈО да отвори случај по допрен глас и да ги истражи постапувањата на Филипче и тогашната власт на СДС“, порача Лефков.


