Утре православните христијани го слават Свети Димитриј Солунски, ден познат како Митровден, празник посветен на великиот христијански воин и заштитник од злото.

Освен црковното значење, овој ден е обвиткан со народни верувања поврзани за предвидување на зимата, но и за тоа како да се внесе благослов во домот.

Се верува дека токму вечерва, сите големи работи мора да се завршат до полноќ – од договори и плаќања, до чистење и средување на домот, за да ја привлечеме среќата во текот на целата година.

Домот треба да биде чист и уреден, со запалена свеќа или кандило пред иконата на светителот, а семејството да се собере на заедничка вечера со молитва за заштита. Се привршуваат подготовките за утрешната слава со погача и со жито. Не се оставаат недовршени обврски, така велеле нашите прапрабаби.

Се верува дека за спокојство во домот вечерва не треба да се излегува без причина од дома и не треба да се ноќева надвор од домот (освен ако не мора), за да не се помине цела година во туѓи домови.

Вечерва не треба да се караат децата, колку и да згрешиле, зашто се верува дека така ќе останат мирни и благословени во текот на целата зима.

Избегнувајте кавги, пцуење и тешки зборови воопшто, бидејќи Митровден е ден за помирување и благослов, а лошата енергија од вечерва може да се пренесе низ целата година.

Интересен е старинскиот обичај кој треба да го направат жените или девојките во домот. Имено, на прагот од домот или на прозорецот свртен кон улица, вечерва се става запалена мала ламба, свеќа или фенер (денес често батериска ламба) и така се повикува светителот да влезе во домот, да донесе мир и топлина, и да биде чувар на домот од секое зло. Лампата се остава да гори цела ноќ, до утрешното утро.

Според народното верување, времето вечерва и утре најавува каква зима ни доаѓа – ако небото е ведро ветува блага зима, ако вечрва врне – знак е за влажна но не многу студена зима со чест снег што брзо се топи, а доколку вечерва има мраз или снег, тоа е најава за долга и студена зима.

Exit mobile version