Скопје ја зајакнува својата поврзаност со европското семејство на културата! Ова на Фејсбук го напиша градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Потпишан е Договорот за соработка меѓу Нова Горица – Горица 2025 и Фондацијата Скопје 2028, со кој отвораме нови можности за нашите уметници, културни институции, независната сцена и младите.
Со ова партнерство создаваме основа за заеднички културни проекти, поврзување на фестивали, размена на знаења и искуства и подготовка на заеднички апликации за европски фондови.
Искуството на GO!2025 е особено значајно за подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година.
Како градоначалник, се залагам меѓународната соработка да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани, како повеќе можности за творештво, поголема видливост на нашата култура и партнерства што ќе продолжат и по 2028 година.
Благодарност до градоначалникот Само Турел, директорката на GO!2025, Мија Лорбек, и тимот на Фондацијата „Скопје 2028“, предводен од Марјан Цветковски, за заедничката посветеност.
Градиме Скопје кое преку својата култура, различност и креативност активно придонесува кон европската културна приказна, напиша Ѓорѓиевски.


