Нови детали за движењата на Палевски - од Белград тргнале кон Скопје, па застанале во Ниш и ја смениле рутата за Турција

 


На расправата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Основен кривичен суд Скопје денеска сведочеше Стефан Димковски, лицето кое го превезе обвинетиот Љупчо Палевски од Белград до Турција.

Сведок Стефан Димковски на почетокот од сведочењето рече дека учествувал во основање на политичката партија „Десна“, а со Палевски се познава од 2017-2018 година преку политички активности.

-До 2021 година одев почесто во партијата, од 2021 година имав приватни проблеми и ретко одев, рече сведокот.

Прашан дали Палчо му се јавил на 1 декември 2023 година, одговори да.

-На Телеграм ми се јави. Јас бев во Струмица, само што ги однесов децата во градинка, отидов на сервис да менувам зимски гуми и добив повик од Љупчо Палевски во 15 за 9. „Што правиш, можеш ли да дојдеш да ме земеш од Белград, дојдов на прегледи и нешто да завршам за партијата“? Реков дека ќе дојдам, да завршам само со сервисот, образложи сведокот.

Продолжи, „ми рече да го земам од Белград и да го вратам во Македонија. Во Белград стигнав во 15:30 попладнето на први. Ми пушти адреса каде да го најдам. Го земав во центарот на Белград“.

Прашан каде и кога тргнале, одговори дека тргнале да се враќаат кон Скопје.

-Тргнавме веднаш да се враќаме назад за Скопје, имаше гужва, ми требаше многу време да излеземе од Белград, некаде Велика Плана застанавме на ручек. Ми кажа дека оди во Белград да договори нешто за годишнина од партијата и прегледи да прави. Разговаравме за децата, проблеми со кичмата. Потоа зборевме за активностите во партијата, дека требало да се активира, рече тој.

Од Велика Плана, на враќање, тргнавме по патот за Скопје, пред Ниш ми кажа дека треба да застанеме во Ниш. Разговараше со Васко, адвокатот и затвори, тогаш разбрав дека е со Васко. Не знам зошто разговарал со него, само ме информираше дека разговарал со Васко. Потоа рече изгледа ќе треба да преспиеме тука, некој човек што требало да се види му закажал во за 8:30 часот утредента, рече сведокот.

20.11.2024 - 14:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега