Мицкоски се извини за Фетаи: Комуницираме на англиски, тој вложува напори да го научи македонскиот јазик
Премиерот Христјан Мицкоски денеска го пофали Фетаи за неговата врвна биографија и образованието.
Како што рече, тој со Фетаи комуницира на англиски јазик бидејќи се иселил од Македонија на 6-годишна возраст.
Мицкоски вели дека Фетаи зборува течно четири јазици, а во изминативе месеци вложувал големи напори да го учи и зборува македонскиот јазик.
„Знам дека не му е намерата како што се обидуваат некои политички центри да ја дефокусираат јавноста. Единствената грешка беше што ако одлучи да одговара на албански јазик, требаше да донесе преведувач. Им се извинувам на новинарите и сум убеден дека тоа нема да се повтори“, истакна премиерот.
Имено на неодамнешната промоција на новите регистарски таблички, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, одлучи на новинарско прашање да одговори на албански јазик, иако прашањето беше поставено на македонски јазик.
Откако новинарите го посочија тоа, Фетаи кратко одговори: „Знам, али јас на албански ако може.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа