Нов вознемирувачки случај на злоупотреба и насилство меѓу малолетници е регистриран во главниот град. Мајка на 12-годишно девојче од Скопје пријавила во полиција дека машко лице, кое исто така е малолетно, со закани ја принудувало нејзината ќерка да му испраќа компромитирачки содржини. Во официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР) не се открива точната возраст на пријавеното момче, но се прецизира периодот во кој се вршела принудата.

„На 13.05.2026 во 12:30 часот во СВР Скопје, 35-годишна жена од Скопје пријави дека во периодот од март 2026 до денот на пријавата, нејзината 12-годишна ќерка под закана преку мобилна апликација испраќала експлицитни фотографии и видеа на малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија официјално од СВР Скопје.

Овој инцидент се надоврзува на низата тешки случаи на насилство меѓу децата во Скопје, каде што јавноста неодамна беше згрозена и од бруталното малтретирање на девојче во населбата Ѓорче Петров од страна на група нејзини врснички.

Дека врсничкото насилство зема сè поголем замав во државата потврдуваат и останатите полициски билтени во изминатото деноноќие. Во Прилеп, 36-годишен родител пријавил дека неговиот син бил физички нападнат од повеќе соученици за време на училишен час по физичко образование, при што насилниците целиот настан го снимале со мобилен телефон. Црниот биланс на малолетничка деликвенција неделава го одбележа и крвавиот инцидент во основното училиште „22 Ноември“ во скопската населба Ченто, каде 15-годишен тинејџер со нож му нанесе повреди опасни по живот на 14-годишен ученик.

Exit mobile version