Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите заинтересирани граѓани да се приклучат на бесплатната едукативна тура на тема „Женското наследство во Центар“. Настанот ќе се одржи утре, на 17 мај, со почеток во 12:00 часот, а збирното место е кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк во Скопје.

Оваа активност се реализира како дел од едукативната програма „Центарски прошетки“, која е составен дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, со цел поголема информираност и приближување на културното наследство до граѓаните. За сите учесници на настанот општинарите обезбедија освежителен пијалок, ужина и симболични сувенири.

„Ова е можност да се потсетиме на жените кои се жртвувале за она што го имаме денес. Да не заборавиме дека над 5 000 жени учествувале во Народноослободителната борба, од кои околу 300 загинале, 7 биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941“, порача градоначалникот Герасимовски.

Стручен водич низ прошетката ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева, а целиот фокус ќе биде ставен на локации и значајни обележја поврзани со улогата на жените во обликувањето на културниот и општествениот идентитет на градот. Самата рута ќе опфати посета на неколку клучни споменици, каде присутните ќе слушнат приказни и историски факти, меѓу кои и онаа за партизанката Вера Јоциќ, за Споменикот на ослободителите на Скопје, како и за Паркот „Жена Борец“.

Exit mobile version