Милион и пол осигуреници добиле електронска здравствена картичка

Милион  и пол електронски здравствени картички веќе им се предадени на осигурениците  и се во употреба во Република Македонија. Оваа бројка  претставува 85% од вкупниот број осигуреници во Македонија.

Во подрачните служби во моментот се наоѓаат 225.000 картички и  чекаат    осигурениците да дојдат и да си ги подигнат. Од оваа бројка, само 50.000 се од Скопје и се пензионери.

Барање за електронски здравствени картички се уште немаат поднесено 50.000 осигуреници од кои 13.000 се пензионери од Скопје. Од ФЗОМ апелираат во летниот период да дојдат и да поднесат барање и напоменуваат дека оваа обврска треба да ја завршат  до први септември. Понатаму ќе се редуцираат шалтерите за барање и издавање електронски здравствени картички.

-Треба да се напомене дека  имаме одлична соработка со Сојузот  на пензионери на Македонија и апелираме оваа категорија граѓани , посебно во Скопје, да се обратат до  општинското здружение на пензионери за да им се помогне логистички околу поднесувањето документи и околу подигнувањето на електронските  здравствени картички, како што тоа веќе се прави и во останатите градови низ државата. Во Скопје, осигурениците, покрај во Подрачната служба на ФЗОМ-Скопје (до Црвениот крст на Македонија) може да се обратат и во истурените шалтери на ФЗОМ во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто, Чаир, Шуто Оризари,како и во општина Илинден, а   може да се јават за информации  и на инфо линијата 0800 33222, рече денеска Бранко Аџигогов од ФЗОМ.

Електронските  здравствени картички не се само замена за сините картони, туку значат и пристап кон новите електронски услуги во здравствениот систем. Од почетоткот на годината, со помош на ЕЗК,  направени се 200.000 промени на избран матичен лекар (пријава-одјава) од страна на осигурениците, 120.000 промени на избран матичен стоматолог и 30.000  промени на избран матичен гинеколог. Од примената на ЕЗК директен бенефит имале 175.000 осигуреници кои во истиот момент со неа направиле промена на избраниот лекар и си ги оствариле правата од здравственото осигурување, како што се, издавање на рецепти, упати за преглед на специјали итн.

Од ФЗОМ информираат дека во 6 градови има 100% покриеност со дистрибуирани и подигнати електронски здравствени картички. Тоа се градовите: Свети Николе, Брод, Кратово, Валандово, Крушево и Ресен.

Во 18 градови  има над 90% предадени електронски здравствени картички  на осигуреници. Најлош процент имаат Тетово со 81%, Велес со  80, како и Скопје со 71% предадени електронски здравствени картички.

-Повторно апелираме до осигурениците, особено до пензионерите во Скопје, да го искористат летниот период и да си ја подигнат електронската здравствена картичка, или доколку немаат поднесено барање за издавање на електронска здравствена картичка, тоа да го сторат до први септeмври, вели Аџиров.

Сите потребни информации во врска со електронска здравствена картичка, осигурениците може да ја добијат на бесплатниот телфонски број 080033222, а за да видат дали им е изработена картичката, може да пратат маил до Фондот на е-маил адреса info@fzo.org.mk, helpdesk@fzo.org.mkили самите да проверат на веб страната на Фондот, во делот мое осигурување https://moeosiguruvanje.fzo.org.mk/

26.06.2014 - 13:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега