Полицијата го гони екс директорот на „Охридски комуналец“ - еве зошто

43 годишниот охриѓанец С.А. си заработи кривична пријава поради злоупотреба на службена положба и овластување.

Според информациите од МВР, во периодот од 2009 до 2011 година, во својство на одговорно лице-вд.директор на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, овозможил да се спроведе противправна постапка за престанок на потреба од четиринаесет работници  прогласувајќи ги како технолошки вишок заради економски, организациони, технолошки и структурални промени на претпријатието.

С.А. го направил тоа без да има донесена соодветна програма, услови и критериуми кои морале да бидат предвидени согласно Статутот на Јавното претпријатие  и Колективниот договор за комунални дејности на Република Македонија.

Со ова, С.А. на четиринаесет работници им доделил средства во вкупен износ од 8.896.778,оо денари или 146.126 евра од кои, до октомври 2013 година им бил исплатен  вкупен износ од 3.885.830,оо денари или 63.185 евра. За овој износ, моментно е предизвикана штета на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ а според договорите кои ги потпишал екс директорот, преостанати за исплата се уште 5.100.948,оо ден или 82.942 евра.

Иако знаел за финансиските потешкотии, С.А. со искористување на службената положба и овластување, ги навел членовите на управниот одбор  да  донесат одлуки  крајно штетни за претпријатието, а потоа потпишал писмени договори. 

Со тоа, С.А. им овозможил на четиринаесет работници покрај со законски утвдените три испратнини согласно Законот за работни односи и правата на паричен надоместок до ново вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување на Република Македонија согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, да се стекнат противправно и со имотна корист од  надоместок од 60 идни плати  на товар на претпријатието, а како разлика од надоместокот кој ќе им се исплаќа на товар на Агенцијата за вработување како технолошки вишок и платата која ја остварувале додека работеле кај овај работодавец, како и исплата на  еднократен надомест од по 8.000 ден по работник на денот на престанок на работниот однос.

26.06.2014 - 12:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега