Полицијата го улови Шапкар - треба да одлежи три години затвор
Полицијата пред три дена во Скопје го уапси охриѓанецот Христијан Шапкар, откако судот по него издаде судска наредба според која тој се бара за издржување три годишна затвроска казна, објавува „Вечер“.
МВР вчера ги потврди информациите дека единицата за прв одговор и интервенција го уапсила Шапкар на 23. јуни, на улицата „Теодисиј Гологанов“ во Скопје.
Шапкар ќе издржува тригодишна затворска казна откако пред пет години предизвика глисерска несреќа во која загина скопјанката Ирина Романова-Муцунска. Осудениот Шапкар, не се јавил на поканата на судот за издржување на затворската казна.
Основниот суд во Охрид на 31. јануари 2013 година донесе пресуда според која Христијан Шапкар треба да одлежи казна затвор од 7 години, за сторено кривично дело “тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот”. Судот го прогласи Шапкар за виновен за глисерската несреќа, која се случи на 22. август 2009 година во која животот го загина Ирина Романова-Муцунска.
На 31. март 2013, Апелациониот суд во Битола донесе одлука дека за страотната несреќа, Шапкар треба да одлежи три наместо седум години затвор.
Од Апелација образложија дека ги ценеле олеснителните околности не прецизирајќи за кои точно околности станува збор.
По несреќата, кај Христијан Шапкар беа пронајдени и 1.08 промили алкохол во крвта. Тоа за судот во Охрид беше дополнителна причина за утврдување на повисока затворска казна за возачот.
Процесот пред Основниот суд се одложуваше дури 9 пати по барање на обвинетиот и се одржаа вкупно 15 рочишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа