Ставрески: Многу придобивки за граѓаните од партнерството во Светска банка

Многу придобивки за граѓаните, финансиска помош во вистинско време и за вистинска намена,  професионалност со знаења и вештини  и  меѓусебна доверба,  го одбележуваат партнерството  помеѓу Република Македонија и Светската банка во изминатите 20 години.

Тоа го оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на свеченоста по повод  20 години од работењето на канцеларијата на СБ во државава.

Во осврт на соработката со СБ Ставрески истакна дека Македонија пред 20 години избра партнер што има многу професионалци, кои се најдобри во својата област  во светот и кои ги поседуваат сите вештини и знаење што, нагласи, е потребно за една земја во развој да може да има придобивки од тоа партнерство.

- Исто така, верувам дека истото ниво на знаење, вештини и професионалност постои и кај нас, кај луѓето од различни министерства, институции од земјата кои беа добри партнери на Светската банка во текот на изминативе 20 години. Затоа може да се каже дека имаме професионалци кај двете страни, рече Ставерски.

Кога се одбира долгорочен партнер, додаде, важно е на истиот да му се верува.  Мислам дека имаме таков партнер, што ги почитува вашите силни страни и ги разбира вашите слабости, и работи со вас во надминувањето на тие слабости, предизвици што се нормални за земја во развој, наведе Ставрски.

Според него, односот добива на интензитет во текот на овие 20 години и е заснован на взаемна почит, напорна работа и соработка.  - Сметам дека придобивките од овој однос ги чувствуваат сите граѓани во Република Македонија, од земјоделците на југот, приватниот сектор во источниот дел од земјата, туристичките работници во југозападниот дел, студентите, наставниците, здравствените работници, сите оние кои биле вклучени или ги чувствуваат придобивките од активностите на Светската банка во Македонија, посочи вицепремиерот Ставрески.

Тој нагласи дека добиената помош од СБ во вкупен износ од 1,3 милијарди долари, од која дел е веќе отплатен, е дојдена во вистинско време и за вистинска намена.

- Светската банка беше секогаш тука кога беше потребно преку инвестиции во сите сектори во земјата, преку јавниот сектор, административните реформи, развој на приватниот сектор, здравство, образование, социјална заштита, железници, патишта, комунална инфраструктура и се што е потребно за развој на мала земја како што е Македонија, рече Ставрески.

Елен Голдстејн, директор на СБ за регионот на ЈИЕ, истакна дека од  клучна важност за Македонија во изминатиот период биле  трансформацијата на сопственичката структура на стопанството, задржувањето на макроекономската и фискалната стабилност што и овозможила напредок, подобрување на деловното окружување и стимулирањето на инвестиции, каде сега се гледале резултатите, како и избегнувањето  сериозен етнички конфликт и преземање мерки за градење на поголема национална кохезија.

-  Резултатите од овие напори се многу охрабрувачки во текот на изминатите 20 години. Гледаме раст на инвестициите во уделот на БДП, зголемување на кредитирањето на приватниот сектор, гледаме зголемување на извозот и гледаме зголемување на економскиот раст од околу еден процент во првата деценија до просечно три проценти во второто десетлетие. Па дури и невработеноста почна да паѓа во последната деценија од 37 на 29 проценти. Тоа не е доволно, но видовме дека Македонија се покажа поотпорна на глобалната финансиска криза од повеќето други земји во регионот. Сето тоа се должи на овие фундаментални реформи во текот на последните 20 години, рече Голдстеин.

Таа посочи дека е потребен напредок во намалување на невработеноста и сиромаштијата и оти силно се надева дека Македонија ќе напредува. И покрај одредени политички потешкотии, наведе, се надевам дека сите партии и граѓани ќе се обединат околу реформите што придонесуваат кон растот и работни места. - И покрај фрустрациите, се надевам дека земјата ќе сфати оти усогласувањето со политиките на Европската унија е добро за растот и работните места во Македонија, без разлика на темпото на пристапување во Унијата. Исто така, дека властите и граѓаните ќе разберат дека квалитетот на економскиот развој е важен. Растот мора да се споделува меѓу сите сегменти во општеството. И конечно дека властите негуваат отворени податоци и дебата со цел да се вклучат сите граѓани во одредувањето на иднината на Македонија и изградбата на кохезија во општеството. Ова се моите надежи за Македонија во следните 20 години, рече Голдстејн.

Во изминатите 20 години, нагласи, СБ беше верен партнер на земјата, со многу техничка и финансиска помош што ќе продолжи во име на просперитетот.

25.06.2014 - 10:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега