Државата со сериозна грижа за жртвите на семејно насилство

Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на прес конференција за медиумите информираа за Предлог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

-Со донесување за првпат на нов посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, не само што го следиме примерот на многу европски земји и земји од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја, туку овој нов закон и во голема мерка ќе понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство, посочи Спасов

Овој предлог на закон ги дефинира   начелата  на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права, а во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и  нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детска заштита внатрешните работи, здравството, вработувањето и образованието, надлежен суд, ЗЕЛС,  вклучително и здруженијата на граѓани. Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица  во сите правни субјекти.

Владата исто така ќе формира Национално координативно тело за семејно насилство со мандат од пет години, во кое ќе бидат опфатени претставници од сите надлежни институции како и претставници од здруженија кои се регистрирани за работа со семејно насилство, а со кое ќе раководи министерот за труд и социјална политика“ рече Спасов.

Со овој предлог-закон се дефинира дека Центрите за социјална работа  ги преземаат следниве мерки за заштита на жртвите:   сместување во Центар за лица-жртви; соодветна  здравствена заштита; соодветна психо-социјална интервенција и третман; психо-социјален третман во советувалиште; помош на семејството за редовно школување на дете; правна помош и застапување, и  економско јакнење на жртвата  преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.  Мерките на заштита да ги преземаат посебно едуцирани стручни лица. Мерките на заштита од семејно насилство ги спроведува центарот за социјална работа, при што се утврдени итни рокови за постапување (во рок од 24 часа да поведе постапка).

Предвидувана  е  соработка помеѓу Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Македонија - надлежниот центар за вработување, заради преземање на  мерки за економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот и активните мерки и политики за вработување.

-Се прецизираат и надлежностите на здравствените работници, преку утврдена должност веднаш да извршат преглед и друг медицински третман на жртвата и за истото да и издадат соодветна медицинска документација за констатираната повреда. При тоа се предвидува жртвите да се ослободени од плаќање на трошоци  за извршената медицинска услуга и документација.Се обезбедува посебна заштита кога постои сознание за загрозување на  животот и здравјето на жртвата и членовите на семејството, преку изготвување на безбедносен план за помош на жртвата. Безбедносниот план ќе го изготвува мулти-секторски стручен тим од претставници на центарот за социјална работа, полиција, здравствена установа и здружение, при што мултисекторски стручен тим го координира центарот за социјална работа, надлежен според живеалиштето, односно престојувалиштето на жртвата.Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и ќе изрече привремена мерка за заштита,  отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена, истакна Спасов.

Министерката Јанкулоска во изјава за медиумите посочи дека новата законска регулатива обезбедува проширување на овластувањата на службените лица за итна интервенција при МВР за отстранување на сторителот на насилството  од  живеалиштето на жртвата. 

-Овластениот полициски службеник, секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради спречување на непосредна опасност по  физичкиот интегритет и животот на жртвата веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот е должен да ги преземе следниве дејствија:да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување на привремена мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и заедно со полицискиот  извештај  да го достави и до надлежниот основен суд, да го извести надлежниот центар за социјална работа заради преземање на мерки за заштита на жртвата, посочи Јанкулоска

Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и ќе изрече привремена мерка за заштита,  отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, врз основа на предлог на органот на прогон

-Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита  во отсуство на сторителот на семејно насилство само врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и  предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена. Ова решение ги регулира случаите со цел да се обезбеди заштита  секогаш кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, рече Јанкулоска.

-На сторителот на семејното насилство може да му се изречат следниве привремени мерки за заштита од страна на судот: забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство; забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со член на семејството, директно или индиректно; забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството; отстранување од домот без оглед на сопственоста, до донесување на конечна одлука од надлежниот суд; забрана да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено; задолжително да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството; задолжително законско издржување на семејството; задолжително да посетува соодветно советувалиште; задолжително лекување на сторителот, доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување; задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејното насилство и изречекување на која било друга мерка која судот ќе ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добросостојба на другите членови на семејството, заврши Јанкулоска.

24.06.2014 - 13:07
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа