Михаил Ходоровски предупредува дека фашизмот во Русија допрва ќе расцути

 

Екс-олигарх и критичар на рускиот режим Михаил Ходоровски смета дека ескалацијата во Украина допрва ќе претстои. 

Тој јавно се отвори во интервјуто за Дојче веле, за перидот додека престојувал во затвор, како и за корупцијата и безаконието кои владеат во Русија. 

- Русија и Украина мора да разговараат една со друга – вели Ходоровски во интервју за ДВ.  - Путин има одредени барања од Киев, кои сака да ги реализира. Вистинското прашање е дали потоа Украина сеуште ќе биде самостојна и суверена држава. Јас во тоа баш и не сум сигурен.

Тој смета дека мерките и санкциите кои што се превземаат против Путин ќе немаат некој ефект. Многу поважно би било кога народот сам во свои раце ќе ја земе одбраната на Украина и ќе се спротивстави на Путин.

- Ако Украина сака да остане суверена и слободна, тогаш таа својот суверенитет и својата слобода мора и да ги брани, дециден е Ходоровски.

Книга за затворските години

Ходоровски моментно се наоѓа во посета на Берлин по повод објавувањето на германското издание на книгата „Моите другари од затворот“. Поранешниот шеф на уништениот нафтен концерн „Јукос“ во 2003 година, во два судски процеси беше осуден на долги затворски казни поради измама, затајување на данок и казнени логори. Од октомври 2003 до декември 2013 година бил во различни руски затвори и казнени логори.

Многу меѓународни набљудувачи се согласни дека процесите не се водени во согласност со правните норми и дека Ходоровски всушност бил осудуван поради своето спротивставување на политиката на Владимир Путин.

Во 2011 година Ходоровски почна да објавува колумна за рускиот опозициски весник „Новое времја“. Тие текстови сега се собрани во книга. Во нив авторот не пишува само за себе, туку и за многу луѓе кои ги сретнал во казнените логори во Сибир и Карелија и кои таму биле затворени исто како и тој.

- Во книгата е собран паноптикум за човековите судбини кои отсликуваат изненадувачки голем дел од руската историја – стои на кориците на книгата која е излезена во издание на куќата „Галани“. Според статистичките податоци, секој десети Русин еднаш во животот завршил во затвор.

Корупцијата како систем

Според тврдењето на Ходоровски, моментно во Русија околу 700.000 луѓе се наоѓаат во затвор. Обичните руски граѓани за тоа не знаат ништо, исто како ни за тоа како се живее во затворите.

Тој самиот во затворот искусил како функционира системот на понижување. Таму правото и законите никој не ги почитува. – Но, тоа во основа не е никаков изолиран феномен, во целото руско општество е така, вели Ходоровски.

Од затворот

Путин, како што вели соговорникот, по големата стопанска криза во 90-тите години и на почетокот на овој век, одлучи да ја втемели корупцијата како контролен механизам на Русија. Тоа истовремено е и основно начело на неговата надворешна политика. Тој се одлучи против изградбата на отворено општество и за воспоставување на затворен систем.

Но, чисто економски гледано тоа не може да функционира, смета Ходоровски и додава дека најмногу за неколку години ќе дојде до крах или до воспоставување на строг националистички и фашистички режим, а потоа до конечен крах.

Така смета Михаил Ходоровски, човек за кој германскиот печат пишуваше дека ни самиот не е  баш светец, ни Мајка Тереза. Тој беше помилуван и пуштен на слобода во декември 2013 година, шест месеци пред истекување на казната. По помилувањето тој со директна авионска линија замина за Берлин.

Сега овој поранешен милијардер живее во Швајцарија, во една вила на Циришкото Езеро, за чие изнајмување месечно плаќа 9.500 евра. Кон крајот на март добил едногодишна дозвола за престој во оваа земја, каде неговите синови одат на училиште.

Самиот Ходоровски вели дека водењето на нормален семеен живот по излегувањето од затвор за него бил најголем предизвик. 

22.06.2014 - 10:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега