Збогум Блерим Беџети
Новоизбраниот министер за правда Аднан Јашари денеска и официјално ја презеде функцијата од досегашниот министер Блерим Беџети.
Главни приоритети на министерот Јашари во извршувањето на својот мандат ќе биде продолжување на започнатите реформи во правосудниот систем на Република Македонија во насока на создавање ефикасен, транспарентен и независен правен систем.
- Како министер за правда ќе продолжам со започнатите реформи, чија цел е усогласување на нашиот законодавен систем со препораките на Советот на Европа, на ГРЕКО и на многу меѓународни стандарди, истакна Јашари.
Досегашниот министер за правда Беџети го информирал министерот Јашари за преземените активности од Министерството за правда во хармонизирањето на македонското законодавство со легислативата на Европската унија.
- Го информирав Јашари за активностите кои во иднина треба да се реализираат и кои се клучни за патот на Република Македонија кон Европската унија, рече Беџети.
Тие реформски активности, како што посочи Беџети, се корисни за граѓаните, за државата и за институциите кон стратешката определба на Македонија за поскоро членство во ЕУ и НАТО.
Блерим Беџети функцијата министер за правда во Владата на Република Македонија ја извршуваше од 28 јули 2011 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа