„Отворен ден на идеи“ во Битола - граѓаните денеска ќе го советуваат градоначалникот

Денеска во Битола ќе се одржи традиционалната манифестација „Отворен ден на идеи“ која овозможува активно учество на граѓаните во креирањето и реализацијата на визиите за развој на таа локална самоуправа.
 
Секторот за односи со јавност на општина Битола соопштува дека акцијата се реализира низ директни средби на граѓаните со градоначалникот Владимир Талески и неговите најблиски соработници од општинската администрација, како и менаџерите на локалните јавни претпријатија.
 
-Целта на манифестацијата „Отворен ден на идеи“ е граѓаните на општина Битола со изнесување на своите идеи, предлози, мерки и проекти од сите сфери што се во надлежност на локалната самоуправа да дадат свој придонес кон создавањето дела за поубава општина каква што посакува секој наш сограѓанин, истакна Цветанка Ристевска, одговорна за односи со јавност во општина Битола.
 
Манифестацијата „Отворен ден на идеи“ како еден од облиците за влијание врз јавните локални политики се организира во просториите на општина Битола, а предлозите на граѓаните, граѓанските организации, правни и физички лица, ќе бидат реализирани од соодветните надлежни служби и јавните претпријатија во овој град.

ФОТО: vladimirtaleski.mk