Груевски: Членството во ЕУ и НАТО врвни приоритети на Владата
Пристапувањето на Република Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, како и зачленувањето во Унијата остануваат врвни приоритети во надворешната политика и на новиот владин состав.
Ова денеска го истакна мандатарот Никола Груевски во своето експозе пред македонскиот Парламент.
- Приоритети во надворешната политика се: членство во НАТО, отпочнување на преговорите за членство во Европската унија и зачленување во ЕУ, унапредување на постојните стратешки партнерства како и засновање нови, надминување на наметнатиот спор од Грција, а во врска со уставното име на Република Македонија, продлабочување на меѓусоседските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, промоција на македонските економски интереси во странство, засилување на економската и јавната дипломатија и засилување на врските на Македонија со дијаспората и заедничка соработка за националните и државните интереси. Критериумите од Копенхаген остануваат наша цврста определба на патот кон членството во Европската Унија, каде природно припаѓаме. Продолжуваме да бидеме фокусирани и на усвојување на законодавството на ЕУ и негово спроведување, истакна Груевски при презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година.
На тема политичкиот спор за името кој го наметна соседна Грција, Груевски истакна дека Владата е подговтена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи.
- Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот, кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а при тоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на референдум да се согласат со можното решение, рече мандатарот Груевски во своето излагање пред Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа