Трговскиот договор САД - ЕУ лошо ќе се одрази врз Македонија

 

Формирањето на големата зона за слободна трговија меѓу САД и Европската Унија, која е главна задача на агендата на Вашингтон и Брисел како идеја за излез од кризата, може и лошо да се одрази врз економијата на балканските држави, особено на тие што не се членки на ЕУ.

Директорот за трансатлански односи на германската Фондација „Бертелсман“ во Вашингтон, Тајсон Баркер вели дека слободната трговија на Европа и САД значи дека македонскиот веќе постоечки дефицит кон земјите членки на ЕУ може и да се продлабочи. Баркер вели дека ефектот би бил незначително негативен, но, сепак, најголемото разочарување е оценката дека би изостанал очекуваниот позитивен ефект кој Македонија се надева дека индиректно ќе го почувствува.

- Според некои проценки, во случај на скромна либерализација на трговијата меѓу САД и ЕУ, македонскиот бруто домашен производ може долгорочно да се намали за 1,5 проценти, како ефект на зголемениот дефицит во увозот на машини, хемикалии, гориво. Ефектот може да биде повеќе увоз од САД и од Европската Унија за Македонија, а помалу извоз. Во случај на длабока либерализација на трговијата меѓу САД и ЕУ, ова намалување може да изнесува и до три проценти. Но, најважен ефект на овој договор ќе биде поттик за Македонија да ги забрза интеграциите во ЕУ, вели Баркер.

Според него, ефектот од трговската либерализација ќе биде позитивен за сите држави од Балканот кои се членки на ЕУ, дури и тие кои се најмалку конкурентни, како Грција. Поради тоа, доколку договорот биде потпишан, за Македонија ќе се зголеми поволноста доколку стане полноправна членка на ЕУ, бидејќи со тоа ќе добие директен пристап и до американскиот пазар.

Агендата за ТТИП е амбициозна, да се формира уште во текот на мандатот на сегашната Европска Комисија, односно најдоцна во следната година. Претседателот Обама е посветен расправата да се отвори и договорот да биде потпишан „со еден резервоар гориво”, односно во времето на неговиот мандат и мандатот на претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо. Сепак, многумина во Вашингтон се скептични по ова прашање.

- Нема шанси овој договор да биде потпишан до пролетта 2014 година. Може да се случи сценариото како во рундата на трговски преговори од Доха, да се утврди дека сме загризале повеќе отколку што можеме да проџвакаме, смета Клод Барфилд од Американскиот Ентерпрајз институт.

Според оценките на Бертелсман фондацијата, доколку овој договор за слободна трговија, кој е познат под кратенката ТТИП, навистина биде потпишан во текот на мандатот на сегашната Европска Комисија, тоа би било најбрзо договорена и потпишана спогодба за слободна трговија во поновата историја, и секако најголема. САД и Европската Унија земена како целина, се двете најголеми економски зони во светот. Меѓу нив сегашното ниво на царини е ниско, меѓу три и четири проценти, но обемот на трговија кој изнесува околу третина од вкупната светска размена е толку голем што дури и ова укинување на царините може да има значителни поволни економски ефекти за светската економија, особено во време кога САД, а особено Европа, се соочуваат со криза.

најчитано сега