Лекарот не ми се насмеа, казнете го - еве за што се жалат пациентите во Македонија

Лекарот што ме прегледа воопшто не беше љубезен. Не ми се насмеа. Вака гласи претставката на пациент доставена до Лекарската Комора за услугата што ја добил во примарното здравство, пренесува Здравство24.

Иако претставката нема основа, бидејќи не е познато зошто лекарот не се насмеал и дали пациентот бил тој кој ја предизвикал неговата нељубезност, ЛКМ ќе мора да изврши вонреден надзор во ординацијата. За таа цел мора да формираат и комисија која ќе оди во контрола. Финансиски трошоци за дело кое реално нема основа. Оваа претставка е една од 12-те кои само за овие 5 месеци стигнале до Лекарската Комора. Од ЛКМ за порталот велат дека се презафатени со овие претставки кои се големо оптеретување бидејќи голем број од нив и немаат повод за спроведување на надзор. Но, ЛКМ е должна да изврши надзор , со измените на ЗЗЗ од 2013 година кога добија таква ингеренција.

Експертите за zdravstvo24.mk, коментираат дека целта на пациентите е да пробаат дали ќе можат да искористат нешто а тоа во основа им го овозможува Законот за пациенти. Според експертите, проблемот за лекарите е во тоа што воопшто не се во иста позиција како пациентите без постоење на Законот за доктори кој ќе ги штити и нивните права.

Минатата година, ЛКМ извршиле 7 редовни надзори и 6 вонредни по претставки на пациенти. Еден од примерите за случај кој без потреба ги трошел ресурсите на ЛКМ, е претставка од семејство каде нивни член бил на лекар и кога се вратил дома добил инфаркт и починал. Надзорот не утврдил грешка кај лекарот, кој не можел да го предвиди срцевиот удар бидејќи прегледот поминал како што треба.

За да се растерети работата на ЛКМ, пишува Здравство24, тие побарале од здравствените власти формирање на тело кое ќе прави селекција на претставките.

19.06.2014 - 12:25
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега