Ивановски: Светски позната ИТ компанија заинтересирана за влез во Македонија

Светски позната ИТ компанија е во фаза на донесување одлука за инвестиција на македонскиот пазар, вели министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски во интервју за tv.lider.mk.

-Во преговори сме со повеќе ИТ компании, со дел од нив сме во напредна фаза. За 45 дена една поголема ИТ компанија најави дека треба да донесе одлука за инвестирање во Македонија, но не би можел во моментов да коментирам повеќе бидејќи истата е листирана на Американската берза и не би можел да откријам пред тие да објават на берза. Доколку одлучи да влезе ќе има дополнително голем број на вработувања во Македонија“, вели Ивановски за tv.lider.mk.

Mинистерот истакнува дека погодната бизнис клима и подготвениот кадар го прави македонскиот пазар се попривлечен з странските ИКТ компании.

-Имаме голем интерес од странските компании, особено во ИКТ секторот. Ги интересира и самата позитивна бизнис клима во земјава, но, секако дека се интересираат и за квалитетот на студентите кои излегуваат од нашата Академија. Оние кадри што излегуваат од студентските клупи се спремни да влезат во приватниот сектор, но сепак им е потребна дополнителна дообука со цел да станат експерти во едно поглавје, дали станува збор за програмирање или за сервисирање, или пак за нудење други услуги“, вели Ивановски во интервјуто.

Според Ивановски, странските инвеститори ги препознаваат сите мерки кои се преземаат за развој на ИКТ пазарот и развој на кадрите во оваа индустрија во земјава. Затоа, вели тој, преку Агенцијата за вработување направени се неколку програми за доедукација со кои ИТ кадрите ќе можат да се стекнат со лиценци од Мајкрософт, Оракл, Јава, односно она што го бара пазарот, за приватниот сектор да знае дека тоа лице кога ќе го заврши тој светски препознатлив курс и ќе добие сертификат, дека тој е веќе спремен активно да придонесе за развојот на таа компанија.

На македонскиот пазар веќе присутна е компанијата Ендава, но покрај странските компании, интерес за проширување на пазарот имаат покажуваат домашните компании.

-Ако претходно Скопје беше главна дестинација за овие компании, сега тие се прошируваат и на целата територија на Република Македонија, бидејќи пазарот во Скопје се повеќе и повеќе се заситува. Поради тоа што станува збор за кадар кој што може да работи од дома, или од на било која друга локација, не мора сите компании да се лоцирани во Скопје, каде што животот е поскап, а примањата кои треба да ги добијат според стандардите треба да се повисоки, објаснува Ивановски, додавајќи дека добар пример за ова е домашната компанија Сивус која имаше распишано оглас за 400 вработувања надвор од Скопје.

Како што истакнува министерот, после стагнацијата која настана како последица на глобалната економска криза, домашните ИТ компании конечно бележат напредок. Се забележува раст кај софтверските услуги, но сеуште стагнира хардверскиот дел на пазарот.

-Кај домашните ИКТ компании позитивно е тоа што се забележува пораст во програмирањето и услугите. Тоа е поглавје од оваа индустрија кое има голем напредок и кое има поголема додадена вредност во економијата. Има стагнација или намалување кај оние коишто продаваат опрема, односно хардвер. Тоа е нешто за коешто неколку години сме дискутирале со коморите- да им се помогне на тие компании да се преструктуираат за да можат да нудат услуги кои им се потребни на компаниите и во Македонија и во светот, вели Ивановски.

На македонскиот пазар постојат и помали ИТ фирми кои работат исклучиво за странски компании, од програмирање на апликации за паметни телефони, до креирање игри, сервисирање на услуги, одржување на клиенти. Ова е доказ, вели Ивановски, дека има потенцијал во Македонија уште повеќе да се фокусираме на тоа поглавје, затоа што во помалите градови ќе се формираат помали компании, а тоа е значајно за демографијата на Македонија.

Целото интервју со министерот Иво Ивановски можете да го погледнете на следниот ЛИНК

19.06.2014 - 11:23
Фото: 
Алфа
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега