Институтот за трансфузиологија доби современа опрема

 

Опрема вредна 400.000 евра доби Институтот за трансфузиона медицина. Се работи за дваесет фрижидери за чување крв на плус четири степени, пет фрижидери за чување крв на минус 40 степени, три фрижидери за чување крв на минус 80 степени, пет центрифуги за крвни кеси со ладење, пет инкубатори за плателети со агитатори, како и 33 компјутери, девет лап топи и еден сервер, се ставени во функција во сите регионални центри и станици за трансфузиона медицина во државата. Средствата се преку ИПА проектот за зајакнуање на системот за безбедност на крв, финансиран од ЕУ.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска заедно со шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав го посетија Институтот за трансфузиона медицина изјави дека станува збор за прв проект финансиран од ИПА средства во областа на здравството, кој има две клучни компоненти: обука на кадар и градење на систем, како и набавка на опрема за потребите на Институтот: - Проектот е имплементиран во предвидениот рок и постигнати се очекуваните ефекти кои биле предефинирани на неговиот почеток, истакна Тодоров.

Тој се заблагодари на делегацијата на ЕУ бидејќи поддржале еден ваков проект за зајакнување на системот за безбедност на крв, кој, како што рече, е еден од најважните во здравството и неговото ефикасно и кредибилно функционирање претставува основа за градење ефикасен и кредибилен здравствен систем.

Орав истакна дека многу често ни е потребна крв безбедна за употреба при операции и итни случаи. - Овој проект ќе биде од голем бенефит за сите граѓани, додаде Орав.

Директорката на Институтот за трансфузиона медицина, Емилија Велкова рече дека била извршена едукација на 225 здравствени работници во Институтот.

- Опремата е распоредена во сите регионални центри и станици за трансфузиона медицина и ќе придонесе за подобро обезбедување на здравствената состојба на дарителите, пациентите и на сите граѓани во целост, истакна Велкова.

Пред посетата на Институтот за трансфузиона медицина министерот Тодоров и евроамбасадорот Орав на Медицинскиот факултет присуствуваа на завршната конференција за проектот „Зајакнување на системот за безбедност на крв“, финансиран од ЕУ. 

18.06.2014 - 14:07
Фото: 
сител
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега