Пресуда за случајот „Монструм“

Во среда скопскиот Кривичен суд ќе ја изрече пресудата за случајот Монструм за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. На 18 јуни ќе се знае дали седумината обвинети за тероризам ќе бидат прогласени за виновни и какви евентуални казни ќе добијат. Петмина од нив се наоѓаат во притвор во Скопје, додека на двајца ќе им се суди во отсуство, бидејќи тие се во затвор во Косово за нелегално поседување оружје. 
Убиството на Смилковското Езеро се случи на Велики четврток пред две години. 
Обвинителката Гордана Гешковска во својот завршен збор рече дека обвинетите пукале за да биде крвав Велигден. 
„„Пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Пукаме во иднината на државата“ - рече Гешковска, а нејзиниот завршен збор предизвика лавина реакции кај албанското малцинство, а некои невладини организации организираа и протести. 

Обвинетите се „колнеа во Господ“ дека не пукале кобната вечер на Смилковското Езеро и дека не се виновни за делото кое им се става на твоар.

Гешковска изјави дека не подлегнува на пристисоци и остана на својот став дека обвинителството има цврсти докази врз основа на кои бара максимална казна, доживотен затвор за обвинетите. 

16.06.2014 - 12:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега