Во МВР му издале фалсификуван пасош - две години слободно си шетал низ Европа

 

27-годишниот И.А. вработен како референт за патни исправи во Одделот за граѓански работи, си заработи кривична пријава за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ и „злоупотреба на службена положба и овластувања“.

Кривична пријава заработи и косовскиот државјанин И.В. (51) за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“.

Според информациите од МВР, И.В. пред неколку години стапил во контакт со непознато лице кое му ветило дека за сума од 1.500 евра, ќе му обезбеди изработка на оригинална македонска патна исправа, со која непречено ќе може да патува во земјите на Европската Унија. Во текот на јули 2012 година, И.В заедно со непознатото лице од Косово се сретнале со И.А. кој го зел пополнетото барање на кое биле внесени податоци од друго лице, кое е иселено од Македонија од 1982 година и извршил фотографирање и земање на папиларни линии од косовскиот државјанин.

И.В. цели две години си ја користел македонската патна исправа за влез и излез во Македонија и во други држави.

На почетокот на месецов, косовската полиција доставила барање до македонската полиција дека се води истрага за И.В. и доколку тој се пријави за влез во Македонија, да се изврши негова проверка.

На 10.јуни, на граничниот премин Долно Блаце, И.В. се обидел да влезе во Македонија, но бил задржан. Во текот на разговорот утврдено било дека тој поседувал и македонска патна исправа, која била побарана на увид. Откако полицијата утврдила дека пасошот е фалсификуван, тој бил лишен од слобода.

15.06.2014 - 14:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега