Груевски: ВМРО-ДПМНЕ остана нераскинлив дел од народот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски денеска истакна дека најголемиот успех на партијата во овие 24 години е што остана нераскинлив дел од народот, кој е нејзина најголема сила, и оти ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја развива Македонија и да ја направи економски посилна. Груевски денеска имаше обраќање пред своите сопартијци на приемот по повод 24-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ.
- Д-р Христо Татарчев ќе каже: Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци. Ќе дојдат генерации да ја видат независноста. На 17 јуни 1990 година беше формирана ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на постулатите на историското ВМРО со една единствена цел а тоа е да го оствари вековниот идеал на македонскиот народ да живее во независна, суверена Република Македонија, држава која ќе служи на интересите на сите нејзини граѓани, потенцираше Груевски.
Периодот на основањето на ВМРО-ДПМНЕ, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, беше период на неизвесност, на многу препреки, но со конечен успех и со победа на идејата, базирана на партиската идеологија, која во сржта ги има вистината, моралот и здравиот систем на вредности и која се роди од правдата, од слободата, од непокорот, од националниот интерес и, пред се, од потребите и интересите, но и од чуствата и интересите на народот.
- 24 години подоцна, таа идеологија продолжува да живее и да биде основа на нашето дејствување. Добива на жар и на енергија, со многу повеќе искуство, знаење и посветеност. Секојдневно и посветено работиме за интересите на нашите граѓани, истакна Груевски.
Тој им се заблагодари на сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, на поранешните и сегашни членови на месните комитети за почитувањето на таа идеологија и за победите кои ги остварува партијата, за следењето на принципите на ВМРО-ДПМНЕ и за несебичното посветено и одговорно однесување.
- Сакам да се заблагодарам и на секој граѓанин за вреднувањето на ова што го работиме и за довербата што ни ја даваат девет пати по ред, во последните девет години, победи на девет изборни циклуси. Тоа е нашата енергија, народот е нашата енергија. Нашите успеси се заеднички, а кога се заеднички успесите тие се и поголеми, рече Груевски.
Им се заблгодари и на оние што ги критикуваат бидејќи, како што рече, уште повеќе ги мотивираат да ги исправат грешките, да учат од нив и да станат уште посилни и посупешни.
Посебно им се обрати на основачите на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, влегоа во ризик со оваа работа во едни тешки времиња, а се заблагодари и на првиот состав на Парламентот на ВМРО-ДПМНЕ, на претставниците на партијата во правата Влада...
Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во перидот додека е на власт започна стотици реформи во сите сектори кои можеби нема да ги решат сите проблеми, но, потенцираше премиерот, работите почнаа да се менуваат кон подобро и да одат напред.
- Јас сум свесен дека реализацијата на оваа задача не е нималку лесна, ниту пак едностана, но ние како генерација политичари ја имаме историската одговорност со чесна работа да придонесеме во изградбата на Македонија. Таквата наша посветеност и работата базирана на принципи и вредности создаде нови стандарди за работа и ја крена летвичката многу повисоко, а со тоа и очекувањата на граѓаните како треба да се води политиката и колку резултати треба да се постигнат, истакна Груевски.
Во 2006 успесите се мереа, додаде тој, со претходните гарнитури на СДСМ.
- Сега не мерат со нас самите и лествичката постојано се поместува нагоре, што значи и нашето работење и стандардите на нашето работење треба постојано да растат и ако застанат граѓаните нема да бидат задоволни и тоа ќе го изразат на следните избори, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Последната убедлива победа на партија, според него, е триумф на посветената и макотрпна работа на реформите и проектите. Повтори дека програмата на партијата мора доследно да биде реализирана.
На приемот присуствуваа членовите на највисокото раководство на партијата, министри, сегашни и поранешни пратеници, ветерани и основачи на партијата, членови на УМС, претставници на дипломатскиот кор..
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа