Иванов ги поддржува иницијативите за градење меѓусебна доверба со Бугарија

 

Претседателот Ѓорге Иванов останува целосно ангажиран во насока на реализација на иницијативите кои беа разменети меѓу него и бугарскиот  претседател Росен Плевнелиев, велат за МИАод Кабинетот на македонскиот претседател во врска со последните написи во медиумите во Бугарија за предлогот за заедничко чествување на Илинден.

- Неодамна двајцата претседатели разменија писма со иницијативи кои имаа за цел градење на позитивна атмосфера на доверба и соработка. Иницијативите се однесуваа на трансформирање на Декларацијата од 1999-та во Договор за добрососедство и соработка, и нејзино потпишување, на заедничко чествување на настани од минатото, заеднички настап за реализација на проекти од Коридор 8, велат од Кабинетот на Иванов.
 
Првиот таков настан во кој беа вклучени амбасадорите на двете земји, велат оттаму, се случи за време на чествувањето на Св. Кирил во Рим. Овој позитивен пример, наведуваат, ја отвора можноста на таков начин да се чествуваат и други настани од минатото, кои ќе придонесат за зголемување на довербата меѓу двете држави, народи и општества, и кои ќе придонесат за почитување на заедничките европски вредности на кои се темели развојот на односите меѓу двете соседни држави. 

15.06.2014 - 12:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега