Генерал Де Вос: Се чувствувам побезбедено кога ме чуваат македонските војници
Борбената група на Европската унија за втората половина на 2014 година, во која се наоѓаат и припадници на Армијата на Република Македонија, денеска во белгиското градче Марше-ен-Фамен и официјално ја завршија мултинационалната вежба „Брз Лав 14”, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Првиот човек на белгиската армија, генералот Џерард Ван Каленберг, прогласи успешна воена вежба на ЕУ-борбената група, додека Мајор генерал Хуберт Де Вос, кој е командир на оваа група, на македонскиот министер за одбрана, Талат Џафери, му порача дека по оваа вежба се чувствува побезбеден кога знае дека македонските војници го чуваат, ако се знае дека главна задача ан 134-те војници од АРМ во оваа група е обезбедување на главнито штаб на ЕУ-БГ 2014-2.
На последната показна вежба, мајор генерал Де Вос, истакна дека оваа група и нејзината подготвеност е со цел да се препознаат идните безбедносни предизвици за Европа кои можат да дојдат и како последица на тоа што одбраната во Европската унија повеќе не е приоритет поради силната економска криза.
- Учиме од минатото и се подготвуваме за иднината. Нашата намера е да развиеме одбранбен капацитет и од Европа да создадеме едно големо момче, а не како што е сега во вид на неколку здружени мали момчиња. Им благодарам на сите партнери во ЕУ-БГ 2014-2 групата за соработката, тренингот и напорите да создадеме успешна борбена група. Без разлика дали нашата група ќе биде употребена во иднина, можеме да кажеме дека оваа вежба потврди дека сме силно подготвени и имаме зголемена межусебна соработка, потенцираше мајор генерал Де Вос на денешната показна вежба за крај на “Брз Лав 14”.
Македонскиот министер Џафери, кој беше придружуван од бригадниот генерал Павле Арсоски, во изјава за МИА рече дека по повод завршувањето на вежбовните активностите на четата на АРМ во Белгија, во однос на учеството во европската борбена група за втората половина на 2014 година, денеска било предвидено присуство на денот на високи гости со што уште еднаш се потврдило дека единицата на АРМ е целосно подготвена за учество во операциите под Европската унија.
- Со ова се сертифицира европската борбена група 2014-2, која од 1 јули до 31 декември оваа година е во исчекување на можно нејзино ангажирање. Тоа ќе зависи од идните одлуки на Европскиот совет. Во тој контекст, ние добиваме уште една афирмација што значи дека АРМ според сите стандарди е подготвена за извршување на мисиите и задачите, како во државата, така и во мисиите во странство, без разлика дали истите се предводени од Обединетите нации, НАТО или од Европската унија, истакна Џафери.
Министерот за одбрана на Република Македонија, на денешното завршно презентирање на успешните вежбовни активности на борбената група на ЕУ, присуствуваше заедно со вицепремиерот и министер за одбрана на Белгија, Пјетер Де Крем.
Заблагодарувајќи им се на сите партиципиенти во групата, но и пред се на „храбрите македонски војници”, заменик-претседателот на белгиската Влада не го криеше задоволството што токму Кралството Белгија е предводник на ЕУ-БГ 2014-2. - Мислам дека концептот на ЕУ-БГ групата во целост има голема важност и игра силна улога во заедничката безбедносна и одбранбена политика. Ова промовира заедничка загриженост меѓу европските сојузници и кредибилност на Унијата преку партнерството на воените сили, истакна министерот Де Крем.
Денеска војниците во рамки на борбената група дмеонстрираа апсење и разбивање на терористичко гнездо што е закана за безбедноста во мало градче на одредена држава. Притоа, дел од војниците од македонската чета ја промовираа заштитата на влезот во главниот штаб и касарната на ЕУ-БГ.
- Со одлука на Советот, која треба да се донесе во рок од пет дена, во наредните десет дена, нашата борбена група ќе може да делува на било-која критичка точка во светот што е на максимална оддалеченост од Брисел од 6.000 километри. Нашата група имаше шест месеци национални и шест месеци интернационални вежби и тренинг и сум уверен во нејзината подготвеност да одговори на сите предизвици - посочи генералот Филип Буке, предводник на белгиските копнени сили, истакнувајќи дека борбената група на Европската унија ќе биде моќна алатка на Унијата за зачувување на безбедноста и дека оваа група од 2.700 војници е во исчекување за можна активација од страна на Европскиот совет од 1 јули.
На крајот, заблагодарувајќи им се на Белгијците за гостопромството на вежбата на која 134 војници на АРМ присуствуваа десет дена, македонскито министер за одбрана уште еднаш порача дека оваа единица е целосно подготвена и според сите стандарди да учествува во идните борбени мисии.
- Ова е уште еден доказ дека Министерството за одбрана ги има направено сите напори за Армијата на Република Македонија соодветно биде претставена во ЕУ и со тоа уште еднаш и во пракса да покажеме дека дел од оние европски вредности во однос на извршување на задачи на надворешната и безбедносна политика на Унијата, Македонија е целосно подготвена за идно заедничко делување со земјите-членки. Она што ме задоволува е што во оваа борбена група сме заедно со земји како Германија, Белгија, Холандија, Шпанија и Луксембург, нагласи министерот Џафери.
Завршувањето на вежбата „Брз Лав 14”, денеска беше и последна задача на Талат Џафери како министер за одбрана, со оглед на тоа што идната недела ќе го замени Зоран Јолевски. А, македонските „леопарди” од Првата механизирана пешадиска бригада што се дел од оваа брбена група, заедно со колегите од останатите пет земји ќе чекаат евентуално кризно подрачје во реон од 6.000 километри на Брисел и одлука на Европскио совет за активација и можност на терен да го применат она што изминатите шест месеци го вежбаа.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа