Ослободени осомничените помагачи на убиството на војникот Ригби

Помагачите во заговорот на убиството на британскиот војник Ли Ригби, кои беа уапсени, по извршениот злочин, сега со кауција се ослободени од притвор и ќе мора повторно да се јават на сослушување, пренесува Скотланд јард. 

Тројцата мажи кои се на возраст од 21, 24 и 28 години, во саботата бе аослободени. Покрај нив има и девет жени и еден 29 годишен маж кои исто така беа уапсени по убиството на војникот. Засега британската полиција нема подигнато официјално обвинување против никого. 

Засега во затвор останаа само двајца Британци од нигериско потекло, Мајкл Адеболаџо, (28) и Мајкл Адебовале (22). Тие се под строга полициска заштита, откако беа ранети кога се обидоа да пукаат по силите за безбедност и да избегаат од местото каде војникот беше брутално убиен. 

Британскиот Форин Офис потврди дека првообвинетиот Адеболаџо, во 2010 година, бил уапсен и сослушуван во Кенија.

Тамошните власти веруваат дека Адеболаџо се обидувал да се префрли во Сомалија, за да им се приклучи на терористите од исламистичката милитантна група Ал Шабаб, но дека поради недостиг на докази, кениската полиција го пуштила од притвор.

Војникот Ли Ригби (25) беше убиен-заклан со месарски нож и сатара, на една улица во лондонскиот кварт Вулич, во близината на касарната на кралскиот артилериски полк. Двајцата убијци, на снимените изјави што ги направија случајните минувачи, со своите мобилни телефони, нападот и бруталното убиство го прикажаа како „политички чин“ и одмазда затоа што британските војници „секојдневно убиваат муслимани“.