Одите на одмор во странство? Еве што треба да направите за да имате здравствено осигурување

 

Додека сте летово на одмор во Турција, Бугарија, Германија, Австрија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Луксембург, Белгија, Франција и Италија и итно ви треба лекарска услуга може да се лекувате на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). За туристите, за време на летото, можат да бидат актуелни разни болести како што е висока температура, стомачни тегоби, убод од инсекти, алергија, хипертензија, мозочен удар, скршеници и слично, пишува Вечер.
Но, за да се добие оваа здравствена услуга, македонскиот граѓанин треба пред да замине во странство да аплицира до Фондот за двојазичен образец. Образецот е бесплатен, а пред патувањето осигуреното лице треба до службата на Фондот да поднесе пријава за задолжително здравствено осигурување, како и пополнето барање за издавање на двојазичен образец за една од наведените земји. 
- Кон барањето се приложува и потврда за здравствената состојба издадена од матичниот лекар, а за жените и девојчињата постари од 12 години потврда од матичниот гинеколог дека немаат хронична болест. Бремените жени само до осмиот месец од бременоста можат да добијат потврда од гинеколог. Пред издавање на образецот неопходно е и позитивно мислење на лекарската комисија при Фондот дека лицето нема хронично заболување, а таа се добива за еден ден - објаснуваат од Фондот и додаваат дека хроничните болести како дијабетес, срцеви болести не се лекуваат со двојазичен образец и Фондот не ги признава трошоците за редовните терапии.
Од оваа институција им препорачуваат на македонските граѓани, кои немаат навика кога патуваат во странство да си обезбедат двојазичен образец, тоа да го сторат оти предност е што со меѓународните договори за социјално осигурување, нашиот осигуреник се изедначува со правата на осигуреникот во земјата каде што престојува и се лекува по цени како во таа држава, а во некои земји се плаќа и партиципација.
Фондот за Грција и Албанија нема ваков договор и затоа нашиот граѓанин-осигуреник во итни случаи си ги плаќа трошоците за лекување, а потоа со фискалната сметка преку Фондот следува рефундација на овие средства. 
Од минатата година бубрежно болните лица можат да си дозволат патување во странство, бидејќи Фондот им признава 10 дијализи во годината. За секоја дијализа се признаваат трошоци од нешто помалку од 5.000 денари, а остатокот си го плаќа пациентот. 
Двојазичниот образец служи како привремена здравствена легитимација во земјата каде што се патува и со него осигуреното лице се изедначува во однос на правата и обврските со осигурените лица на државата во која престојуваат. Од досегашната пракса на Фондот во Скопје годишно се издаваат по стотина двојазични обрасци, а на територијата на цела Македонија над 650. Македонија од минатата година потпиша и договор за европската здравствена картичка со Република Австрија, при што граѓаните на Австрија кога доаѓаат во земјава со оваа картичка можат да добијат комплетни здравствени услуги.

03.06.2014 - 10:18
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега