Џафери: Македонија и припаѓа на Европа и придонесува за глобалниот мир и стабилност

 

Република Македонија и припаѓа на Европа и цврсто чекориме на патот за поддршка за глобален мир и стабилност, што е и останува високо на агендата на Владата на нашата земја, истакна на воениот аеродром во Брисел македонскиот министер за одбрана, Талат Џафери, кој заедно со амбасадорот при ЕУ, Андреј Лепавцов, присуствуваат на претставувањето на вежбата „Брз лав 14“ во рамки на борбената група на Европската унија за втората половина на оваа година.

Во очекување на пристигнувањето на контингентот од АРМ, министерот Џафери одржа говор, мајорот Жан-Пол Клајс од белгиската армија и генералот Ван Аим, ги претставија активностите на оваа група, што е предводена од Кралството Белгија, а во која членуваат и Шпанија, Луксембург, Германија, Холандија и Македонија.

Контингентот на АРМ се очекува да пристигне со авион на белгиската авијација околу 16:30 часот, а свечено ќе го пречека делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија, предводена од министерот Талат Џафери заедно со високи претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на вооружените сили на Белгија.

Во неговиот говор на денешното претставување на вежбата на борбената група на ЕУ во која е и нашата земја, Џафери истакна дека од Македонија пристигнуваат професионални војници кои успешно се претставиле во меѓународни мисии, при што 80 проценти од нив веќе биле дел од мисијата “ИСАФ” во Авганистан.

- Членството во ЕУ и споделувањето заеднички вредности на Унијата е врвен приоритет на надворешна политика на Република Македонија, што наидува на огромна поддршка кај граѓаните на нашата земја и има целосен политички консензус без разлика на етничката, верската и друга различност во Македонија. Нашето присуство тука и учеството со свои сили во борбените групи на ЕУ е доказ повеќе дека Македонија нема само желба и способност за превземање на одговорностите како идна членка на Унијата, туку и фактички придонесува во заедничката бзбедносна и одбранбена политика на Брисел, посочи министерот Џафери пред присутните генерали-предводници на борбената група.

Во својот поздравен говор, министерот за одбрана на Република Македонија потсети дека АРМ веќе има конкретен придонес во борбените групи на Унијата со учество во операцијата “Алтеа 2006” во Босна и Херцеговина, исто така во рамки на белгискиот хеликоптерски детачмент.

Според Џафери, првото искуство во борбените групи на ЕУ, Македонија го имала во втората половина на 2012 година, кога нашите војници биле во група со Германија, Австрија, Чешка, Ирска и Хрватска, како дел од пакетот сили на ЕУ БГ-2012.

Македонскиот министер за одбрана потсети дека Македонија продолжува да дава придонес во заедничката безбедносна и одбранбена улога на ЕУ во рамки на мисијата “Алтеа” во Босна, каде медицински тим на АРМ, како и помошник-команден кадар се наоѓа во командата на ЕУФОР.

- Соработката со Белгија во контекст на НАТО е одлична, на политички и одбранбен план имаме силна поддршка од Кралството за членство во Алијансата, а во тој контекст тие ни даваат поддршка и во експертиза. Изминатиот период, нашите офицери имаа блиска сорабтока со белгиските офицери во мисијата “ИСАФ” во Авганистан, во рамки на 209. корпус на авганистанската армија во Хундус. Резултатите од претстојната вежба очекувам да бидат показатели на нашиот сериозен пристап во подготовките на пакет-силите кои Македонија ги става на располагање на ЕУ и во втората половина на 2014 година,додаде Џафери.

Министерот за одбрана Џафери потсети дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе продолжи со споделување на европските вредности и соработка со сите држави од европското семејство и пошироко и посочи дека “европското обединуваење е единствен модел за креирање на иднина кој на европскиот континент го зачувува мирот, стабилноста и економскиот просперитет”.

Инаку, целта на оваа т.н. жива вежба „Брз Лав“ е обука на истурената команда на ЕУБГ 2014-2 и потчинетите единици, стекнување на експертиза и искуство за идно евентуално употребување и мисии на ЕУБГ 2014-2, извежбување на активирање, обединување и упатување на целокупниот состав на ЕУБГ-2, вежба на процедурите на сите нивоа за време на изведување на операциите во комплексната средина и финална евалуација и сертификација на овие сили. Концептот на оваа вежба е во амбиент на “одговор на кризи”, самоодржливите сили да планираат и изведуваат широк спектар на воени активности. Фокусот се очекува да биде насочен кон извршување на мисијата на ЕУБГ 2014-2.

Првата фаза на оваа вежба веќе беше реализирана во периодот од 28. мај до 1. јуни. АРМ активно со војници учествува во втората фаза (реализација на напредна обука и фамилијаризација), што ќе трае од денеска до 5 јуни, како и во третата фаза (реализација на вежбата) што во градот Флоренес ќе трае до 12-ти јуни. АРМ учествува со 134 војници од составот на четата за обезбедување на истурената команда на ЕУБГ 2014-2, штабните офицери и националниот елемнт за поддршка.

Белгискиот Мајор Жан-Пол Клајс, кој ја предводи оваа борбена група, во име на заменик-премиерот и министер за одбрана на Кралстовто Белгија, Питер де Крем, истакна дека тој е задоволен што македонските трупи се дел од ЕУ-борбените групи 2014, со Белгија како предводник. Тој посочи дека оваа заедничка вежба претставува последна фаза од предизвикувачкиот програм во подготовката на ЕУ-борбените групи за втора половина од оваа година.

Де Крем силно верува дека со блиска соработка во Европа, овој концепт е плоден и клучен елемент во заедничката одбранбена и безбедносна политика.

- Ова експедициска и агилна единица, што значи дека ЕУ ќе може да испорача брза и ефикасна, флаксибилна и модерна единица за соочување со секаква криза. Го покажува и крибилитетот на ЕУ, како достоен партнер на НАТО, посочи мајот Клајс.

Во однос на техничкиот дел на оваа вежба и улогата на ЕУ-борбените групи, холандксиот генерал Ван Аим истакна дека ЕУБГ 2014-2 ќе може да делуваат во кризен регион во област од 6.000 километри од Брисел и се на чекање за реакција од шест месеци, а доколку се укаже потреба за тоа, нивниот мандат може да се продолжи меѓу еден и четири месеци.

Тој посочи дека групата се подготвува, тренира и ги студира т.н. “жешки места” ширум светот, за подготовка и брза испорака.

- Откако би направиле проценка, за акција на оваа борбена група е потребна одлука на Европскиот совет, кој одлучува и каква сила и каква улога треба оваа група која потоа има 15 дена до целосна активација на терен. Овие трупи кои ги имаме на располагање бројат максимум 2.500 војници, 650 возила, опрема и и логистички може да бидат независни до 30 дена. Тие се флексибилни и со голема област на задачи, подделба на сили за стабилизација и реконструкција, превенција на конфликти, евакуација, асистенција при хуманитарна операција итн, образложи генералот Ван Аим.

Во очекување на пристигнувањето на македонските војници, министерот Џафери, амбасадорот Лепавцов и останатите присуствуваат на детално преставување на воената вежба која ќе трае до 13-ти јуни во градот Флоренс, во Белгија.

MIA

02.06.2014 - 15:57
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега