Велика Британија излегува од ЕУ?

 

Британскиот премиер Дејвид Камерон, предупреди дека неговата земја може да ја напушти Европската унија, доколку поранешниот премиер на Луксембург Жан-Клод Јункер, стане следниот претседател на Европската комисија, објави денеска германскиот весник „Шпигел“.

Наведувајќи извори блиски до учесниците на самитот на лидерите на ЕУ оддржан во вторникот, германскиот весник пишува дека Камерон ја предупредил германската канцеларка Ангела Меркел, која го поддржува Јункер за местото шеф на Комисијата.

Камерон, како што наведува „Шпигел“, на Меркел и кажал дека поставувањето на Јункер на таа функција ќе ја „дестабилизира неговата влада до таа мерка што може да доведе до референдум за излез од ЕУ“, што веројатно како резултат ќе има одлука на народот земјата да го напушти блокот.

„Личност од 80-тите не може да решава проблеми во следните пет годино“, рекол Камерон, наведува германскиот весник.

Француските медиуми наведуваат дека Камерон е особено загрижен за Јункер, европски федералист, откако неговата партија доживеа голем пораз од евроскептичкиот УКИП, на европските избори.

Камерон веќе вети дека во 2017 гопдина ќе оддржи референдум за членството на Велика Британија во ЕУ.

Портпаролот на Даунинг стрит не сакаше да го коментара написот на „Шпигел“, изјавувајќи дека се уште е прерано да се даваат било какви коментари за потенцијалните кандидати за Европската комисија.

Меркел вчера изјави дека Јункер ќе биде следниот претседател на Европската комисија кој ќе го наследи Жозе Мануел Барозо. Ова беше најконкретно изнесен став на Меркел до сега за кадровските решенија на чело на ЕК, а лидерите од ЕУ најавија дека при изборот на новиот претседател во предвид ќе ги земат и резултатите од неодамна оддржаните избори за Европскиот Парламент. 

Во меѓувреме, британскиот премиер Дејвид Камерон најавува реконструкција на коалициската Влада, но засега се познати само промените на министрите од редовите на неговата Конзервативна партија.

Според лондонските медиуми блиски до ториевците на Камерон, реконструкцијата ќе биде искористена за смена на некои од ветераните во редовите на конзервативците, како и за внесување повеќе жени во владиниот состав.

Како сигурен кандидат за заминување се споменува Кенет Кларк, кој претходно беше министер за правда, а сега е министер без ресор. Тој со своите 73 години е најстариот министер во Владата на Камерон. Пратеник е уште од 1970 година, а во владиниот кабинет на поранешниот премиер Џон Мејџор, беше министер за финансии.

Кларк е познат како предводник на проевропското крило во Конзервативната партија, што во сегашната силна, антиевропската кампања што ја предводи десниот евроскептичен партиски блок, го прави непопуларен меѓу неговите сопартијци.

Тој предизвика револт кај евроскептиците, откако по европските избори во „Дејли Телеграф“ застана силно во одбрана на потребата за останување на Велика Британија во ЕУ, не само од економски, туку и од политички причини.

Кларк не се согласува со одржувањето референдум за напуштање или за останување во Унијата и се спротивставува на антиевропската и антиимиграционата кампања, за да се неутрализира растот на рејтингот на најевроскептичната Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП).

Партиски функционери и пратеници од антиевропскиот блок остро го осудија неговиот напис во весникот, како штетен за конзервативците и побараа од Камерон да го смени од Владата.

Ова не е првпат да се бара „казнување“ на Кларк поради неговите проевропски позиции, но лидерот на партијата и премиер, смета дека тој му е потребен како искусен политичар и познавач на состојбите, а освен тоа, поради своите години му ја обезбедува поддршката на партиските ветерани.

Најавената реконструкција на Владата не е изненадување, затоа што доаѓа по двојнипт пораз на ториевците, на делумните локални избори и на изборите за Европскиот Парламент во Велика Британија.

Посебно е болен поразот на изборите за Парламентот во Стразбур, на кои Конзервативната партија загуби од маргиналата УКИП и од победник на изборите пред пет години, сега е дури трета партиска сила во британскиот блок партии во Парламентот на ЕУ.

Ова освежување на владиниот состав, со кое би требало да се очекува да биде опфатена и Либералдемократската партија, која е коалиционен партнер во Владата и која на неодамнешните избори претрпе потежок пораз од оној на ториевците, ќе биде последното пред парламентарните избори во Велика Британија предвидени за мај идната година

02.06.2014 - 11:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега