Опозицискиот лидер не ги чита домашните весници

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Ед Милибанд призна дека не ги чита домашни весници, а за информирање околу најновите светски настани ги користи американските изданија.

Во радио интервју, Милибанд изјави дека „гледа и чита сосема мал дел“ од она што го објавуваат британските весници, откривајќи дека повеќе ги сака американските политички интернет странци за да се информира за глобалните случувања.

Лондонските весници кои луто го дочекаа ваквото признание на Милибанд, пишуваат дека на домашна адреса тој не прима ниту еден од главните британски весници, што значи дека не е претплатен на ниту едно домашно издание.

Лидерот на лабуристите, кои идната година во мај, по парламентарните избори, може да стане премиер на Велика Британија вели дека не гледа многу ниту телевизија, а кога работи го исклучува телевизорот.

- Не читам многу британски весници затоа што тие редовно имаат многу совети за тоа што треба (политичарите) да направат. За мене е многу поважно да се следат сопствените насоки и чекори и да се движам по таа патека, рече во интервјуто Милибанд, признавајќи дека така се однесува последниве 3,5 години.

Ова е првпат еден британски политичар, посебно од нивото на лидер на опозицијата, да признае дека многу малку или воопшто не го интересираат домашните весници, а посебно тоа што тие пишуваат за неговата работа, за политиката и состојбите во партијата и за потезите што ги презема на политичката сцена.

Милибанд не кажува дека наместо него, таа работа ја превземаат неговите советници и луѓето од водството на партијата, па лидерот на лабуристите не останува неинформиран за состојбите во земјата и посебно за тоа како бројните анализи, коментари и блогови во весниците и во нивните интернет изданија, ја оценуваат неговата работа и какви укажувања и критики му упатуваат.

Од изборот за наследник на Гордон Браун на лидерската функција, по поразот на партијата на изборите во мај 2010 година, Ед Милибнд не ужива симпатии кај британските медиуми, освен кај нему наклонетиот пролабуристички „Гардијан“.

Прва прчина за тоа е неговата одлука да му се спротивстави на постариот брат Дејвид Милибанд, во трката за партиски лидер, иако постариот Милибанд имаше поголема поддршка меѓу лабуристичките пратеници и наклонетост на домашната политичка јавност.

Другата причина е нејасната стратегија што ја има Ед Милибанд, како лидер на партијата и опозицијата, за виталните прашања со кои се соочува земјата.

Неговото признание дека не чита домашни весници, доаѓа по последните делумни локални избори во Англија и Северна Ирска и по изборите за Европскиот Парламент. И на двете гласања, лабуристите имаат подобри резултати од владејачката коалиција и посебно од ториевците на премиерот Дејвид Камерон, но медиумите оценуваат дека шансите на Милибанд да стане нов премиер за една година, се помали од оние на Камерон да ја задржи сегашната функција

30.05.2014 - 12:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега