Големо невреме во Скопје: Наврнаа 37 литри на метар квадратен
Триесет и седум литри на метар квадратен наврнаа синоќа во главниот град за половина час, а ветерот достигнуваше брзина од над 70 километри на час, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму посочуваат дека повеќе нема услови за пороен дожд во скопското подрачје. Водената маса е сосема ослабната и поместена кон исток.
Вчера во раните претпладневни часови умерена нестабилна облачност со дожд и грмежи имаше во североисточниот дел од земјата, односно во Крива Паланка, Виница и Берово, а доцна попладнето, исто така со умерен интензитет, во северозападниот дел.
И за денеска попладне од Управата најавуваат дека во поголемиот дел од Македонија ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на град. Според прогностичките материјали, поголема веројатност за нестабилност ќе има во западните и југозападните делови, иако не е исклучена појава на нестабилност и во другите региони.
Утре и во среда ќе има делумно стабилизирање на временската состојба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа