Путин ги укинува „Хари Потер“ и „Сексот и градот“ - позната причината

 


Популарните „Хари Потер“, „Игра на тронови“ и „Сексот и градот“ би можеле да се најдат на удар на новите руски регулативи кои стапуваат на сила во септември, а се однесуваат на медиумски содржини кои, според властите, промовираат негативен став кон родителството и позитивно го прикажуваат животот без деца, пишува Парламентарна газета.

Новите критериуми за забрана се: „негативен однос кон бременоста и глорификација на бездетноста“.

Според најавените уредби на Министерството за култура на Русија и Роскомнадзор, ќе се утврдат јасни критериуми за блокирање на содржини кои содржат, како што се наведува, „негативно прикажување на бременоста“ и „пропаганда на начин на живот без деца“ (т.н. идеологија без деца).

Парламентарна газета наведува неколку примери од популарната култура кои би можеле да бидат под лупа на органите за цензура:

„Сексот и градот“ – Ликот на Саманта е претставен како жена која свесно го избегнува мајчинството и покажува очигледна предност за начин на живот без деца. Во еден момент, според описот, таа „мора да се грижи за детето, што го доживува како голем напор“.

„Игра на тронови“ – хероината Бриен од Тарт е претставена како воин кој се откажал од мајчинството за да се натпреварува подеднакво со мажите и да стане витез.

„Хари Потер“ – Иако е, како што пишуваат, „наизглед безопасна сага“, експертите истакнаа дека професорката Минерва Мекгонагал нема деца. Не е познато дали тоа е нејзин свесен избор или резултат на животни околности, но се зема и како потенцијален пример за прикриено промовирање на начин на живот без деца.

Културната политика во служба на демографијата

Ваквите најави доаѓаат во време кога руските власти се повеќе ги промовираат традиционалните семејни вредности и иницираат мерки за демографско обновување на земјата. Во овој контекст, фокусот на јавните дискусии се повеќе е ставен на филмските, сериските и книжевните содржини кои според одредени институции „ја поткопуваат улогата на семејството и родителството“. Како ќе се применуваат новите правила и дали ќе има вистинска забрана за овие глобално популарни креации – останува да видиме во наредните месеци. Сепак, дебатата за културното влијание на западните содржини во Русија очигледно влегува во нова, порестриктивна фаза.

19.05.2025 - 18:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега