Македонска државна и црковна делегација се поклони на гробот на свети Кирил

Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, денеска се поклони на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим.

Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител  чиноначалствуваше митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца, јави известувачот на МИА. 

Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука Свети Кирил и Методиј, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.

Првпат по 1999 година, на молебенот на Македонската православна црква на гробот на Свети Кирил, присуствуваа амбасадорите на Бугарија во Рим и Ватикан Марин Рајков и Кирил Топалов. На чествувањето на гробот на Свети Кирил од Бугарската црква, попладне, според најавите, ќе присуствуваат македонските амбасадори  Шамбевски и Јанкулоски.

- Ова е поклонение во рамки на бугарската делегација. Ние доаѓаме тука првпат, а вие доаѓате кај нас на нашето поклонение во 15 часот.  Тоа е начело на еден чекор  кој би можел да не одведе до едно постепено подобрување  на дијалогот  и наоѓање решение за општо чествување на општата историја, изјави Рајков.

Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, присуството на бугарски државни претставници на македонското поклонение, го оцени како  значајно за двете држави.

- Мислам дека ова е голема потврда за македонскиот народ дека сме дел од големото словенско семејство. Бидејќи е еден од најголемите верски сесловенски празници, Денот на Кирил, лично сметам дека  кога  светот се обединува во една голема глобализација  и на цивилизациска и  на културолошка, верска и образовна основа,  ваквите чествувања се уште еден чекор напред за РМ и нејзиното,  пред се, политичко и државничко однесување затоа што светот веќе нема граници и се обединува, изјави Божиновска, истакнувајќи дека чествувањето е голема работа за двете држави.

На 11-ти овој месец, Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките, во Софија имаа заедничко чествување на творците на словенската писменост. На одбележувањето присуствуваше и македонска црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Според митрополитот европски г. Пимен,  присуството на македонските академици  и на архиепискот Стефан во Софија, направи прв чекор кон зближување на двете цркви. - За официјално сослужување се уште не станува збор, но и овде денес го имаме присуството на нашиот молебен на бугарскиот амбасадор во Рим и во Ватикан, а исто така е предвидено за време на нивниот молебен кој ќе биде отслужен од страна на бугарската црква во 15 часот да бидат присутни нашите амбасадори во Италија и Ватикан, изјави Пимен.

Со традиционалниот молебен на гробот на Свети Кирил, според митрополитот Пимен  се заблагодаруваме за делата на големиот провестител, кој, како што рече,  навистина многу го задолжил не само македонскиот народ, туку  воопшто целиот славјански род со неговата мисија. - Во чест, спомен  и благодарност за се што  направи за нашето описменување и не само за описменувањето, туку и за новото покрстување  што се прави во негово време, традиционално по 46. пат доаѓаме тука на молебен  на кој се заблагадоруваме за  се она што направил тој за нас, изјави епископот Пимен.

На чествувањето на свети Кирил во базиликата Свети Климент присуствуваа и повеќе од 300 верници од црковните општини на македонската дијаспора во Италија. Нивниот број, според епископот Пимен, секоја година се зголемува, со што покрај од државната делегација празникот се одбележува од целиот  македонски народ во Италија. 

Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим  првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Црквата го прогласила 24 Мај за Ден на  просветителите Свети Кирил и Методиј во 11 век. Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Од 2007 година 24 Мај е и државен празник на Република Македонија.

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“

Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус. Годинава се одбележуваат 1145. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на Свети Кирил   Македонија одбележува и 20 годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан.

Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот  во Ватиканските музеи  завчера беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19  век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.

24.05.2014 - 12:25
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега