Премиерот Груевски им го честиташе празникот на Власите
Премиерот Никола Груевски упати четитка до припадниците на влашката етничка заедница по повод Националниот ден на Власите - 23 Мај.
- Влашката култура и посебност си има свој дел, своја улога и своја историја, инкорпорирани со историјата и културата на Република Македонија. Таквата посебност е зачувана и се манифестира во многу општествени сегменти, а денес се прославува и преку 23 Мај - Националниот ден на Власите, стои во честитката.
Премиерот истакнува дека трудољубивоста, солидарноста и прогресивноста се карактеристики на Власите и тоа се обележјата кои нам како држава ни се потребни во процесите на развој и напредок на Република Македонија.
- Ваквите процеси се постојано активни и секој поединец или група имаат свој придонес и своја улога. Сечиј успех, без разлика од каде доаѓа, без разлика дали е мал или голем, е дел од успешната приказна на државата. Токму затоа, сите ние треба да се вложиме себеси за да развиеме една силна и модерна Република Македонија, држава со која ќе се гордеат сите нејзини граѓани и сите идни генерации кои тука ќе живеат, творат и опстојуваат во следните векови. Уверен сум дека на тој пат ќе продолжиме да чекориме заеднички, одлучно и посветено, стои во честитката од премиерот Никола Груевски по повод Националниот ден на Власите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа